Македонска асоцијација за политичко афирмирање

Школата за политика на Универзитет за демократија

Од 2 до 6 јули оваа година, во Стразбур, се одржа вториот Летен универзитет за демократија, каде учествуваа околу 600 претставници од школите за политика, кои се организираат во 12 држави на Балканот и пошироко. Летниот универзитет е иницијатива на Советот на Европа и претставува заедничка, завршна сесија на постоечките школи за политика, каде  слушателите ги добиваат своите дипломи.

Во Република  Македонија Школата за политика започна да работи во 2003 година во организација на Македонската асоцијација за политичко афирмирање - МАПА. Нејзините активности се насочени, пред с$ кон задоволување на потребата за нов вид политичка култура и модерно европско водство во земјава, што подразбира толерантно, граѓански ориентирано и добро информирано водство, кое ќе биде во тек со најновите политички трендови и ќе ги олесни развојот и процесите на интеграција во ЕУ и во НАТО. Школата за политика се организира во четири сесии, од кои три во Македонија, а завршната е секогаш во Стразбур.

Генералната тема на овогодинешниот Летен универзитет за демократија беше „Проектите за Европа”, а учесниците имаа прилика да се сретнат со угледни гости - говорници од европските институции, претставници на граѓанскиот сектор, високи државни претставници и др. За време на престојот, тие остварија средби и во некои од позначајните европски институции, како што е Европскиот суд за човековите права.  Летниот универзитет во Стразбур е ретка можност на едно место да се сретнат многу луѓе од различни држави, луѓе со различна животна и професионална позадина, поради што и се етаблира како сериозна европска мрежа на различности.

Г.Ш.