Донација

Црногорскиот амбасадор на СОС - Детското село му подари телевизор

Со донација од телевизор, амбасадорот на Црна Гора, Душко Лалиќевиќ, ги развесели децата од СОС - Детското село, сместено во скопската населба Ченто. Амбасадорот на Црна Гора, покрај телевизорот, на децата им подари и 45.430 денари, средства кои се собрани од новогодишниот прием во организација на Црногорската амбасада. Амбасадорот, со претставници од амбасадата, го посети СОС - Детското село Скопје каде што проследи претстава подготвена од децата.

Потоа тие ја посетија СОС-семејната куќа „Буба Мара”, каде во семејна атмосфера разговараа за секојдневните активности на децата, начинот на функционирањето на семејниот модел на грижа и можности за поддршка во понатамошната работа и  дружење со децата без родители и родителска грижа од Црна Гора.

Од Детското село потсетуваат дека функционираат преку спонзорства и донации. „Сите донирани добра уредно ги регистрираме и ги користиме за потребите на нашите СОС-семејства. Секоја донација претставува придонес кон семејниот буџет и е од голема важност за нас како згрижувачи на дел од најранливата група во нашето општество, децата без родители и родителска грижа”, велат во Детското село. СОС - Детското село почна со работа во 2002 година кога беше згрижено и првото дете.  Со 12 семејни куќи и пет дополнителни објекти, селото може да згрижи 84 деца без родители и родителска грижа, најмногу по седум во секое семејство. „Во моментов функционираат сите 12 куќи во кои живеат 12 СОС-семејства во кои се згрижени 78 деца од кои најголем број се на возраст којашто одговара на настава од основно образование. 

За децата секојдневно се грижат 12 професионални СОС-мајки. СОС-мајката е лидер на секое СОС-семејство и е одговорна за грижата и индивидуалниот развој на секое дете доверено на нејзина грижа”, појаснуваат од Детското село. Оттаму додаваат дека СОС-мајката живее со најмногу 7 деца во своето СОС-семејство во една од СОС-семејните куќи, а во срцето на СОС-семејниот модел за детска грижа е трајната и стабилна врска помеѓу СОС-мајката и децата. На СОС-мајките им помагаат СОС-тетките или СОС-семејните помошнички со помош на директорот на селото, домаќинот и административно-педагошкиот тим. Педагошкиот тим е составен од социјален работник, педагог и двајца психолози, кои им даваат професионална поддршка на СОС-мајките за поефективно справување со растот и развојот на децата.  Семејниот пристап во СОС - Детското село се заснова на четири принципи: „На секое дете потребна му е мајка, тоа нормално расте со браќа и сестри, во нивната сопствена куќа, во рамките на здрава и пријатна околина на селото”.

Ж.Ѓ.