Нови донации за ревитализација на Скопската зоолошка градина

Возила на електричен погон наменети за превоз на инвалидизирани лица

На отворената жиро-сметка за ревитализација на Скопската зоолошка градина, заеднички проект на Зоолошката градина и на Градот Скопје, во текот на јуни се регистрирани нови донации од фирми: 500 илјади денари од ТЦ Рамстор и 300 илјади денари од Еуролинк осигурување, а претпријатието Руле Турс донира и две возила на електричен погон наменети за превоз на инвалидизираните лица.

Досега со донации учествувале и градоначалникот Трифун Костовски, Скопски саем, Комерцијална банка и други. Според директорот на Градината, Анастас Петров, проектот го помагаат 50 фирми, но не само со финансиски средства, туку и со  работна рака и со  различен вид потребни материјали неопходни за успешно реализирање на започнатата ревитализација, за која се предвидува дека ќе трае подолго, а  еден поголем дел од обновениот простор ќе биде звршен до крајот на годинава. 

Граѓаните и љубителите на животни се повикани да помогнат со свои донации во реализација на ревитализацијата, со уплата на  жиро-сметката на Зоолошката градина со број 1801008664-785-10, депонент Народна банка на Република Македонија.                                

К. Б