Живот со 1 долар на ден
Што навистина значи да се живее со 1 долар на ден? Абиу Хаилу, директор на програмата за Етиопија, се соочува со реалноста што се крие зад статистиките.
Не мора надалеку да ги барате сиромасите во Етиопија – тие се насекаде околу вас. Питачат на улиците и на семафорите на главниот град, Адис Абеба, за да преживеат. Ги има секакви: болни, стари, хендикепирани, мајки со деца... Спијат во сурови услови на отворено, на дожд и на студ.
Сиромасите на улиците на Адис Абеба ја тестираат вашата совест. Дали да им дадете нешто, ако решите да дадете, тогаш, кому? Со такви дилеми се соочувате секојдневно. И никогаш не ви е пријатно.
Она што мене ме погодува кај овие луѓе е нивната анонимност. Понекогаш се прашувам дали се воопшто дел од статистиката за сиромашни на Обединетите нации – на оние кои ни даваат официјални податоци за бројот на луѓето кои се обидуваат да преживеат со помалку од долар на ден.
Навистина не знам како тие луѓе се справуваат со животот. Што прават кога се болни, каков третман добиваат? Дали воопшто има некој да ги закопа кога ќе умрат?
Сепак, и тие се луѓе како вас и како мене. И ги има насекаде. Ме предизвикаа да откријам повеќе за нив. Какви се нивните аспирации? Како стигнале во состојбата во која се наоѓаат? Дали посакуваат да побегнат од с$ и да ја земат судбината во свои раце?
Анонимните сиромаси
Тоа се „анонимните сиромаси”. Но приказната за сиромаштијата не завршува тука. Тоа се исто така и оние со покрив над главите, кои, освен тоа, се речиси подеднакво сиромашни. Тие можеби се обидуваат да си го зачуваат достоинството и се воздржуваат од питачење, но и ним судбината им го свртела грбот.
Некои од нив се членови на моето семејство. Живеат во бедни куќички, во сиромашно соседство. Обидот да се стигне до нивниот дом по непоплочените, калливи патчиња во сезоната на дождови и навечер, самиот по себе претставува ризичен потфат.
Сиромасите на улиците на Адис Абеба ја тестираат вашата совест
Ато Фанта е 75-годишен пензиониран чувар, кој живее во едно од гореопишаните населби. Тој и неговата жена имаат две ќерки и многу внуци. Тие исто така имаат и старателство над децата од нивниот починат син. Секогаш кога ќе го посетам семејството Фанта, гледам барем седум-осум усти кои треба да се нахранат.
Ато Фанта има мала пензија, околу 200 бири (или отприлика 12,5 фунти) месечно. Неговите две ќерки кои работат (и имаат свои семејства) исто така носат некаков приход, но нивниот придонес е речиси занемарлив.
Како ли преживуваат со толку мали примања? Како ли плаќаат за учебници, училишни униформи, како ли плаќаат за доктор кога се болни? И како, и покрај нивната беда, не само што ги ценат посетите, туку и ве примаат од с$срце?
Просечни примања: 15 пени на ден
За семејството Фанта, 1 долар на ден, всушност би значел чекор напред кон светот. За седуммина од нив, тоа би биле 7 долари на ден, или околу 4 фунти – една навистина пристојна заработувачка.
Се сомневам дека семејството Фанта воопшто има и една третина од ова во земја каде просечните годишни примања се само 100 долари годишно – или едвај 15 пени на ден.
Во услови каде толку многу семејства живеат во толкава сиромаштија, се прашувате дали помошта воопшто и функционира. Сепак, партнерите на Крисчан ејд (Цхристиан Аид) вистински придонесуваат во заедниците во кои дејствуваат.
Во селата, тие им помагаат на луѓето да ја подобрат својата егзистенција и да обезбедат здрава вода за пиење. Хигиената во домовите, наедно и здравјето, извонредно се подобруваат поради намалувањето на болестите предизвикани од нечиста вода.
Тие исто така им помагаат и на земјоделците да управуваат подобро со средината преку конзервација на почвата и водата. Поплодната земја носи поголеми приноси, а со тоа и поголеми примања.
Но, она што ми го кажуваат анонимните лица на улиците на Адис Абеба е дека треба да се изоди уште голем и долг пат, бидејќи на илјадниците семејства кои ги избавуваме од сиромаштија, има уште илјадници повеќе до кои допрва треба да допреме.
Повеќе од пари
Она што е потребно не се само пари, иако и тие помагаат.
Верувам дека исто така треба да го разбудиме и интересот на јавноста за маките на сиромасите во земјите како Етиопија.
Колку е поголем интересот, толку повеќе луѓето ќе го ценат фактот што сите ние сме граѓани на еден свет, со чувство за солидарност и еднакви права и одговорноста која тие ја носат. Дури тогаш ќе сфатиме колку давање, молитви и кампањи за промени им се потребни на сиромасите во Етиопија. Во 2005/06, Крисчан ејд дала речиси 325.000 фунти за поддршка на проекти за земјоделство и чиста вода во Етиопија.
|
|