ФОРУМ

ТЕМА ЗА ДЕБАТА 

Дали можеме да се самофинансираме?

Дали можеме да работиме самите, одржливо и без помош отстрана? Дали после една деценија граѓанските здруженија се подготвени да се самофинансираат, дали се способни да обезбедат свои, независни извори на финансирање, дали имаат стратегија за самоодржливост...?

Ве повикуваме да размислувате на оваа интересна тема која е од суштинско значење за иднината на граѓанскиот сектор.
„Граѓански свет” ве поканува да ги изнесете своите мислења, ставови и искуства во текот на овој месец на Форумот отворен на нашите веб-страници (www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk). Ве молиме во дебатата да учествувате со своето полно име и презиме!
Во наредниот број на „Граѓански свет ќе објавиме делови од таа интернет-дебата и ќе ја најавиме темата за наредната. За почеток ви претставуваме мислења на оваа тема на неколку лица активни во граѓанскиот сектор:
 Даниела Стојанова:  Постојат разновидни можности НВО да се самофинансираат, но недостасува иницијатива за тоа да премине во реалност. Потребно е охрабрување на НВО и пренесување на искуства од организации кои ова го прават со години, како и подобро запознавање со законските можности. Потребно е некој да го „скрши мразот”, да започне со овој тип на финансирање.
 Сунчица Костовска:  Факт е дека здруженијата на граѓани треба да се обидат да се самофинансираат, а факт е и дека тие тоа многу малку го прават. Мослам дека можат да се потпрат на своите сили, да се ослободат од зависноста од донаторите. Сметам дека би можеле во тамките на својата локална заедница да се обидат да ги ангажираат луѓето и така да обезбедат средства за своето работење. Дотолку повеќе ако успеваат да ги остварат интересите за кои се залагаат во сопствената средна.

 

ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА:
Волонтерството како традиција и иднина

Минатиот месец, на Форумот на „Граѓански свет” беше поставено прашањето: „Дали волонтерството си уште живее тука?”. Ова прашање, како и оние од претходните бриеви, си уште се поставени на врб-страноците на „Граѓански свет” – значи, дебатата си уште трае. Овој пат во изнесуваме неколку мислења од минатомесечната дебата, на темата волонтерство:
 Сашо Клековски:  Волонтерството има традиција во Македонија, иако можеби не под тоа име. Во претходниот период во најголем дел тоа е доброволна работа во активности организирани "од горе". Со транзицијата се соочуваме со потребата за доброволна работа "од доле", односно самоорганизирање. И мислам и дека со одредени проблеми го имавме и тоа волонтерство. Најголем проблем стануваат појавата на странски фондации, кои се спремни да платат она што претходно било нормално да се сработи доброволно. На тоа се надоврзува да кога одредени волонтери почнуваат да примаат надоместок за својата работа тоа ги демотивира останатите бидејќи и тие сега очекуваат да бидат платени. Ова посебно во контекст на изострена социјална состојба. Така се јавуваат примери на извртени состојби да се бараат средства за завршување на активности кои се за самопомагање.
 Јован Трајановски:  Јас мислам дека волонтерството е убава работа, и дека секој треба да помогне онаму кога не може да се постигне нешто со платен труд, но од друга страна, мислам дека невладините организации не треба постојано да се засноваат на волонтерското работење. Тие треба да прераснат во професионални организации, а освен тоа, добро е што развојот на невладиниот сектор отвори и можности за втаботување, некои луѓе да си ја обезбедат егзистенцијата.
 Соња Младеновска:  Мислам дека кај нас волонтерството има голема традиција. Почнувајки од работните акции по Втората светска војна, па до денес. Невладините организации се типичен пример. Во светот си се плаќа. Во САД и западна Европа во невладините организации работат платени лица. Тие се чудат кога ке слушнат дека кај нас луѓето го одделуваат своето работно време и трудот без надоместток. Мислам дека тоа е наша убава особина која треба да ја негуваме.