Извештај на УНИЦЕФ

Сиромаштијата најмногу ги погодува децата

Разумно користење на европските претпристапни фондови, соработка помеѓу Владата и невладиниот сектор и вложување во децата се дел од заклучоците од конференцијата за детската сиромаштија, во организација на Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, по повод Светскиот ден на детето, на која учествуваа и министерот за труд и социјална политика, Љупчо Мешков и европретставникот Ерван Фуере. Во извештајот на УНИЦЕФ, кој се однесува на детската сиромаштија во земјава, се констатира дека во Македонија правата на детето и можностите за децата да го исполнат својот потенцијал се загарантирани, но не се секогаш обезбедени. Како пример се наведува фактот дека од 36 отсто од населението што е невработено, само 7,5 отсто добиваат помош во форма на детски додатоци. Според статистичарите, 35 отсто од сиромашните семејства во земјава имаат деца под седумгодишна возраст.

За 2007 година Владата има распределено близу 1,5 милијарда денари за програми што се однесуваат на децата. Од овој износ, 878 милиони денари, или 60 отсто, се наменети за изградба на згради, децентрализациски програми и финансирање дневни центри за нега и рекреација. Само 596 милиони денари, или 40 отсто, се распределени за програми кои директно се однесуваат на детската сиромаштија.

„Оваа состојба е неприфатлива, посебно ако се има предвид дека земјава бележи економски напредок”, нагласи претставникот на УНИЦЕФ во Македонија, Хонгвеј Гао, на собирот „Разбирање на детската сиромаштија”. Таа додаде дека за интензивирање на борбата против детската сиромаштија е потребно поактивно вклучување на државните институции. Гао нагласи дека справувањето со детската сиромаштија треба да биде национален приоритет, бидејќи тие не може да чекаат. „Бројот на сиромашните домаќинства е зголемен од 19 проценти во 1997 година на 30 во 2005 година. Повеќето од сиромашните се домаќинства со деца”, предупреди Гао.    

С.Н.