Промоција

“Дрога, опасен предизвик во младоста”

Здружението на социјалните работници на град Скопје, на 8 јули, во Инфоцентарот во Скопје, ја промовира брошурата “Дрога, опасен предизвик во младоста”, од авторите Иван Тулевски и Славица Шекуткоска.  Брошурата е финансирана од Агенцијата за млади и спорт. Основањето на СОС-линијата за дрога и публикувањето на оваа брошура се значајни активности на Здружението на социјалните работници, кое афирмира и има големо значење за социјалниот работник во спречувањето на дрогата. Таа е наменета за младите, како и за нивните родители, во третирањето на проблемот со дрогата.

“Во брошурата можат да се најдат податоци за значењето на трите релевантни фактори, кои влијаат во употребата на дрогата, како што се: средината каде што живееме, личноста и дрогата. Исто така, во брошурата има нови податоци за влијанието на хероинот и канабисот, а и на новите дроги, со кои младите се соочуваат во овој век. Ќе можат да се најдат информации за пренесување на вирусот ХИВ, како резултат на употребата на дрогата”, информира координаторката на проектот, Славица Шекуткоска.

Во брошурата можат да се најдат и здравствените институции каде што можат да се обратат за помош тие кои употребуваат дроги.

“Во СОС-линијата за дрога дневно се јавуваат по три лица од разни градови на земјата. Информациите исклучиво се даваат по телефон. А во моментот се подготвува и веб-сајтот на СОС-линијата за дрога”, изјави Шекуткоска. Таа на крајот рече дека во моментот во центарот работат пет експерти, социјални работници, а набргу линијата ќе профункционира и на албански јазик.                                                                       

     Г.Ш.