НСЖМ организира тркалезна маса

Еднакви можности на локално ниво

Во Велес на 17 декември се одржа регионална тркалезна маса на темата „Еднакви можности на локално ниво”, во организација на Националниот совет на жените на Македонија (НСЖМ), во соработка со ОБСЕ и со Американската амбасада. Трибината, која е прва од предвидените три, беше наменета за координаторите и комисиите за еднакви можности од овој регион кој опфаќа 26 општини. Неповолните временски услови беа причина на тркалезната маса да учествуваат само претставниците од Прилеп, од Неготино, од Чашка, од Градско и од Велес. По темите „Механизми за воведување на родовиот концепт на локално ниво” и „Дефинирање на важноста од воведување на родовиот концепт”, предавање одржаа Билјана Манаскова, координатор на Комисијата за еднакви можности при општината Велес и претставничката од НСЖМ, Гордана Тренкоска.

Целта на тркалезната маса, како што изјави Тренковска, беше да се промовира родовиот концепт на локално ниво, а наедно и да се промовира и еден прирачник за комисиите и координаторите за еднакви можности. Во него е појаснато кои се нивните обврски и начелата на работа на комисиите за еднакви можности. Инаку, во Македонија досега има формирано 69 комисии за еднакви можности, а во 64 се избрани координатори. Инаку, вакви тркалезни маси до крајот на годинава ќе се одржат и во Гостивар и во Куманово. 

МИА