ЈУБИЛЕИ

Деценија на Дневник и на Би-Би-Си на македонски јазик

Дневник, првиот независен дневен весник, кој беше основан од група млади новинари од Македонија, ја прослави првата деценија од своето работење.

Дневник на 20 март 2006 година организира прослава и театарска претстава, а приходите од влезниците ќе ги донира во хуманитарни цели. Меѓу бројките и фактите што ги одбележаа десетте години на весникот, се и 120-те милиони продадени примероци, односно 3.016 изданија.

Светскиот сервис на Би-Би-Си пред 10 години ја отвори Редакцијата на македонски јазик. Наедно, тоа беше првиот сервис на Би-Би-Си што се емитуваше преку сателит до локалните радиостаници. Деценијата на Би-Би-Си на македонски значи над 2.500 емитувани часови програма. Редакцијата подготвува вести неколку пати во денот, како и различна програма, прилози од светот, музичка емисија, лекции по англиски јазик. Редакцијата, со седиште во Лондон, има десетина новинари, Македонци, како и неколку дописници од Македонија. Би-Би-Си на македонски е една од најслушаните емисии на македонски јазик, не само кај нас, туку и кај нашите иселеници во светот.