КОМЕНТАР
Народни пратеници
Неколкуте иницијативи кои ги покренаа граѓанските здруженија, насочени кон приближувањето на граѓаните и парламентарците, доаѓаат навистина во крајно време. Во време во кое кај нас поимот „парламент“ е длабоко мистифициран и речиси го загубил звоето значење.
„Парламент“ и „парламентарци“ - тоа звучи толку туѓо за обичните луѓе, како и многу други странски или интернационални термини кои ги употребуваме иако за нив имаме и соодветни, наши - поблиски, поразбирливи, понародни. Можеби, ако Парламентот го викавме, на пример „Народно собрание“ (иако изворното, латинско значење на овој поим е „Место за договори“), а парламентарците „народни пратеници“, тие намаше да бидат толку отуѓени од обичниот народ. За жал, кај нас по последните години, се’ што има предзнак „народно“ се смета за назадно (за малку ќе речев „ретроактивно“) и за „опашка“ од претходниот систем (во кој имаше сепак и некои добри нешта кои ние требаше да ги преземеме, како што тоа го направија Словенците).
Терминот (или кованицата) „народни пратеници“ ја одразува суштината - тоа се навистина луѓе избрани и испратени од народот да ги застапуваат неговите интереси. Но, за жал, овие народни пратеници набргу се претвораат во „парламентарци“ и ја губат својата врска со народот. Го застапуваат најчесто само сопствениот интерес, не одржуваат средби со оние кои ги избрале, не ги знаат нивните потреби и немаат слух за нивните интереси.
Поради тоа, сметам дека се извонредно важни иницијативите на здруженијата на граѓани да ја разбијат фамата наречена „Парламент“. Здружението ОХО, на пример, спроведува многу интересен проект, наречен „Мојот парламент“, во рамките на кој ги поттикнува граѓаните да му пишуваат на својот пратеник, да го потсетат кој е и зошто е. Дел од проектот се и неколкуте јавни дебати чија цел е да отпочне процесот на среќавање меѓу пратениците и граѓаните. „Да се владее во наше име“- насловот на видео-материјалот кој исто така е дел од овој проект, потсетува на суштината на пратеничката функција - дека тие се застапници на народот и дека преку нив треба да се остварува демократската форма на владеење.
Неколку иницијативи со слични цели спроведуваат уште неколку други здруженија на граѓани (една од нив е поддржана од МЦМС) - формирање лоби-групи, средби со пратениците, дебати и слично.
Да се надеваме дека тие за граѓаните ќе до демистифицираат Парламентот, а за парламентарците ќе значат демистификација на нивната функција и ќе ги претворат во „народни пратеници“ - но не онакви какви што ги опишува Нушиќ.
Маријана Иванова
|