СОЖМ

Се бара закон за заштита од насилството во семејството

Деведесет и пет женски граѓански организации побараа донесување посебен закон за заштита од насилството во семејството, со што го поддржаа предлогот на НСДП за регулирање на оваа материја со нов закон. „Потребно е донесување издвоен закон во кој на едно место би се содржале одредби како добра основа за заштита на жртвите од насилството, намалување на насилството во семејството, поддршка на жртвите и јасни постапки во гонењето на сторителите на насилството”, потенцира Савка Тодоровска од СОЖМ, на прес-конференција по тој повод.

Женските граѓански организации се за донесување издвоен закон, наместо дополнување и измени во Законот за семејството и Кривичниот законик. Една од приоритетните задачи на Македонија, сметаат во СОЖМ, е и прилагодувањето на законодавството во однос на заштитата од насилство во семејството според регулативите на ЕУ. Затоа тие се повикуваат на Препораката (2002)5 од Советот на Европа, како и на препораките од Конвенцијата на ОН ЦЕДАВ (ЦЕДАЊ) и искуствата од Хрватска, од Србија, од Белгија, од Франција и од Австрија во кои постои посебниот Закон за заштита од насилство во семејството. Женските невладини организации потсетуваат на активностите кои ги спровеле тие во изминатиов период, а со помош на кои се подобрила состојбата на жртвите од семејното насилство. Како пример тие ги наведоа отворањето на првата СОС-линија за жени и деца жртви на семејното насилство во 1992 година, отворените заштитни центри, како и измените во законската регулатива.  

На темата семејно насилство свои мислења разменија и членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и на мажите. Тие одлучија посебна работна група да работи на проблемот со семејното насилство во земјава. Расправајќи околу предлогот за донесување закон за заштита од насилството во семејството на НСДП, членовите на комисијата имаа поделени мислења. Државниот секретар во Министерството за труд и социјална политика, Душко Миновски, смета дека има потреба од донесување закон за семејно насилство кое не е табу-тема. Тој рече дека е потребна специјализација на центрите за социјална работа и поголема заштита на жртвите на семејното насилство. Некои членови на комисијата не се задоволни од актуелниот предлог на НСДП, бидејќи со него семејното насилство се третира како прекршок, а не како кривично дело.

Ж.Ѓ.