Коментар
И македонските граѓани можат да бидат оптимисти
Граѓаните на Македонија, по подолг период, полека стануваат оптимисти.
Ова го покажува најновиот извештај за навремено предупредување на УНДП, кој со големо внимание на крајот од јуни беше проследен од медиумите во земјава. Истражувањето е спроведено од страна на „Брима галуп”, во периодот од 30 март до 4 април годинава, преку испитување по пат на репрезентативен примерок на 1.057 испитаници (821 Македонци и претставници на другите етнички заедници и 236 Албанци), од кои дури 45,3 испитаници биле оптимисти во однос правецот по кој се движи Македонија. Резултатите покажале и дека од 2006 година пораснала довербата на граѓаните во безбедносните институции на државата.
Но, и покрај оптимизмот, како најголеми евидентирани проблеми остануваат сиромаштијата, невработеноста и корупцијата, кон чиешто надминување граѓаните очекуваат дека ќе се стреми Владата во наредниот период.
Оптимизмот е неопходен секогаш во Македонија, а особено сега, кога внатрешно-политичките превривања меѓу партиите во власта знаат одвреме-навреме да ги стават граѓаните во недоумица и да се запрашаат каде навистина оди земјата, односно во кој правец ја насочуваат сегашните кормилари.
А, во полето на граѓанскиот сектор, во текот на јуни, оптимизам внесе и една значајна информација, дека до септември Градот Скопје треба да ја добие и првата стратегија за соработка со невладиниот сектор, а предвидено е и формирање форум на невладините организации, како советодавно тело на градските власти.
Градењето стратегии по осамостојувањето на државава во сите полиња на нејзиниот развој се покажа како неопходен и неминовен процес. Искуството од соработката на скопските граѓански организации со локалната власт може да им биде добар пример и на другите градови да градат заеднички стратегии со домашните граѓански организации.
Оптимизмот произлегува и од покажаните заеднички резултати, а стратегиите кои не се само документ на хартија, во иднина и во практика ќе покажат дали нивните креатори го одбираат вистинскиот правец на движење.
|
|