Маја Корубин координатор на СОС-телефонот за деца и млади

Расте бројот на јавувања поврзани со било каква форма на насилство

Една од нашите цели е и поголема соработка на граѓанскиот сектор со бизнис-секторот и градење доверба и поддршка од социјално одговорните претприемачи во Македонија.

Бесплатниот СОС-телефон за деца и млади - 0800 12222 е отворен  на 2 јуни година, а при неговото презентирање  во јавноста, Амбасадата Меѓаши го потенцираше и 12 годишното постоење на телефонската линија.  На кој начин е формирана таа линија и кои се поединостите специфични за нејзиниот развој до денес?
СОС-телефонот за деца и млади за прв пат започна да функционира и да ги прима по­ви­ците од децата и младите уште во 1993 г., една година по оформувањето на Првата детска амбасада во светот - Меѓаши. Гор­да­на Пирковска-Змијанац, програмската ме­на­­џерка и основачка на Меѓаши, поттик­на­та од многуте деца и млади кои се јавуваа во Амбасадата и бараа помош, ја иницира идејата за формирање еден ваков сервис каде децата ќе може да се јават и да позборуваат со некого за својот проблем.

СОС-телефонот е прв телефон за деца и мла­ди во земјава. Минувајќи низ повеќе добри и лоши периоди, телефонот конти­ну­ирано функционира веќе 12 години, а оттогаш се имаат обучено над 120 волонте­ри.  Имаше периоди кога телефонот беше во финансиска криза и функционираше само на волонтерска основа. Последнава година беше посебно продуктивна за про­ши­рување и развој на СОС-службата. СОС-телефонот од Македонски телекомуникации доби нов број, кој е бесплатен (0800 1 2222), со што телефонот стана подостапен и за оној дел од детската попула­ци­ја  од социјално пониските слоеви. Од Македонски телекомуника­ции добивме и спот за телефонот, а исто така  со финансиска под­дрш­ка на Балканската фондација за деца и млади излезе во печат и брошурата по повод двана­есет­го­диш­ното постоење на овој сервис. Од јуни започна со работа и пси­хо­лошк­ото советувалиште каде, пре­ку директен контакт со психологот Флоријан Наумот, децата и младите можат да зборуваат за проблемите и конфликтите коишто ги имаат. Советувалиштето работи се­кој работен ден од 16:30 до 20:30 часот, додека СОС-телефонот за деца и млади од 8:30 до 20:30 ча­сот.


Што говори Вашето досегашно искуство, колкав е бројот на јавувања годишно и за што најчесто  ви се обраќаат јавувачите?
Од самиот почеток па до денес на СОС-линијата има­ат побарано помош по­ве­ќе од 15.000 деца и младинци. Таа бројка различно е рас­поредена во изминативе 12 години. Првите години годишно се регистрирани две до три илјади јавувања. Периодот на кризата во Македонија се почувствува во функционирањето на СОС-линијата кога јавувањата драстично се намалија, а телефонот функционираше само на волонтерска основа. Последниве години, во поглед на бројот на јавувања, телефонот за деца и млади постепено се враќа на првобитната пози­ција.

Оние кои се јавуваат на телефонот се јавуваат за најразлични про­бле­ми и изнесуваат најразлични потреби. Во изминативе години е забележан пораст на проблемите коишто се поврзани со каква било форма на насилство (16-20% од вкупниот број на јавувања), кое може да биде физичко, сексуално или психичко, и кое се случува во домот или надвор од него. За жал, за ваквиот тип проблеми, кој бара можеби и најголемо внимание, тешко може да се помогне само со разговор преку телефон. Една од позначајните причини за тоа е што проблемот тука најчесто не лежи во самите деца кои се јавуваат, туку во возрасните. Дру­ги­те, “посимпатични” проблеми за кои се јавуваат децата и младите се љубовните проблеми, проблемите кои се случуваат во интерперсоналните релации со другарчињата, на училиште, проблемите кои се однесуваат на криза на идентитетот и други.


Какво предзнаење, но и обука  им е потребна на волонтерите што работат на СОС-линијата и кои се принципите за работа кои тие мора да  ги почитуваат?
За да се здобијат со потребното знаење, информации и вештини тимот на волонтери, кој е составен од дипломирани психолози, социјални работници, педагози, социолози и студенти на факултетите кои ја третираат оваа проблематика, поминуваат низ обука којашто се состои од теоретски и од практичен дел. Теоретскиот дел се состои од предавања кои­што даваат основни знаења и информации од областите: заштита на детските пра­ва, превенција од зависности (дро­га, алкохол и друг тип на завис­нос­ти), здравствена заштита, сексуално образование и заштита од сек­суално преносливи болести, мен­тално здравје и друго. Прак­тич­ниот дел е составен од вежби низ кои поминуваат волонтерите, а кои се состојат од симулирани повици по­меѓу волонтер и “јавувач”, како и група дискусија по повикот. Волон­терите се под постојана супервизија на супервизор,

Она што го практикуваат СОС-волон­те­рите е да не даваат готови реше­ни­ја на проблемите коишто ги из­не­сува јавувачот. Волонтерот, пре­ку прифаќање и поддршка, го води јавувачот низ проблемот, тие разговараат за можните алтернативи на справување со конкретната ситуација, за да на крајот одлуката ја донесе самиот јавувач.

Основни принципи на работа се анонимност и доверливост, што значи дека не се инсистира на идентитетот на јавувачот и разговорите остануваат во потполна тајност.

Соработувате ли со државните институции и здруженија на граѓани во размена на потребните искуства и сознанија, но и  во решавање на проблемите на анонимните јавувачи?
Во изминативе години изградивме мрежа со други граѓански организации и владини служби во Македонија коишто ги покриваат областите што ги опфаќа нашиот телефон. Преку мрежата остваруваме неколку цели: ги добиваме потребните, важни информации за целната група, насочуваме некои од повиците до службите коишто се специјализирани за одредена проблематика, го пратиме развојот на одредени случаи. Воспоставивме и соработка со Катедрата по психологија која ни користи како главен извор за нови, мотивирани и едуцирани волонтери. Студентите по психологија се испраќаат кај нас со цел да се стекнат со практични знаења од областите по ментално здравје и психолошко советување. Посебно сакам да ја нагласам соработката со другите СОС-линии за помош и поддршка, како и со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа.


Од минатата година СОС-линијата е членка и на ЦХИ (Цхилд Хелплине Интернатионал), светска мрежа на СОС-телефони за деца. Колку мрежната соработка со светот и со граѓанските организации во Македонија, овозможува развој во заштитата на правата на децата  и младите? Кои се досегашните проблеми?  
На Регионалниот состанок одржан во Загреб и на Второто интернационално советување одржано во Амстердам, оваа година, на кои присуствуваа и наши претставници, меѓу другото, беше разговарано и за принципите и стандардите на коишто треба да се придржуваат сите СОС-телефони за деца и млади, кои функционираат во кој било дел од светот. Тие принципи и стандарди се универзални и оп­што­важечки и станаа имплементиран и составен дел од работата на СОС-телефонот. Преку тие прин­­­ципи и стандарди, изградени според Концепцијата на правата на детето, се осигурува заштита на децата и младите како и заштита на нив­ни­те права.


За прв пат во постоењето на телефонската линија немате донатор од странство. Ви говори ли тоа  за постепено отворање на домашниот бизнис-сектор кон надминувањето на проблемите што ги посочувате вие, или пак станува збор за  добро оформена стратегија за прибирање финансиски средства од страна на Амбасадата Меѓаши?  
За прв пат во постоењето на телефонската линија сме финансирани исто­времено како од домашна (Агенција за млади и спорт преку Проектот за развој на деца и млади) така и од странска фондација (Цхилдрен Хелплине Интернатионал- ЦХИ). Наш донатор од оваа година се и Македонски телекомуникации којашто овозможибесплатна теле­фон­ска линија, како и спот за телефонот. Една од нашите цели е и поголема соработка на граѓанскиот сектор и со бизнис-секторот и градење доверба и поддршка од социјално одговорните прет­при­е­ма­чи во Македонија. Нашиот СОС-телефон е наменет за сите деца во Ма­кедонија и тој во наредниот период мора с$ повеќе да се потпира на домашен извор на финансирање. Се надеваме и на финансиска поддршка од Министерството за труд и социјална политика, а би­дејќи СОС-телефонот е од јавен интерес, очекуваме наскоро и целосно финансирање на овој телефон од ова министерство. Со тоа би се овозможило подобрување на одржливоста на нашиот СОС-телефон со конкретна поддршка како од владиниот, така и од бизнис-секторот.