Дипломатите наместо да одат на лов, садат дрвца
Скопје доби Парк на толеранцијата
Денот на пролетта и Денот на екологијата, Скопје ги одбележи со отворање на Паркот на толеранцијата во близина на Воената болница, којшто ќе го замени традиционалниот “Дипломатски лов”. Паркот на толеранцијата е отворен на иницијатива на претседателот Бранко Црвенковски, а основната идеја е ловот на животните да се замени со садење дрвја и растенија, а со тоа да се придонесе во напорите за заштита на животните и животната средина. Паркот ќе се простира на површина од околу четири хектари, а ќе биде поделен на пет дела, кои ќе ги означуваат петте континенти. Секој дел е замислен да ги отсликува географските и вегетативните карактеристики на регионот, односно континентот. Паркот е именуван како “Парк на толеранцијата” со цел да претставува симбол на дијалог и разбирање меѓу нациите и промовирање на нивните различности. “Отворањето на овој парк е дел од постојаниот обид хумано да се осмисли урбаниот простор, но и борба за секоја педа природа и желба јавно да се искаже важноста на прашањето за меѓусебно разбирање меѓу луѓето”, изјави на отворањето претседателот Црвенковски. Тој нагласи дека толеранција подразбира можност за коегзистенција на различни култури, нации и вери, без оглед на личниот став. Хрватскиот амбасадор, Александар Милошевиќ, нагласи дека Паркот уште еднаш потврдува дека Македонија и нејзиниот главен град се нераскинлив дел на оние вредности со кои денешната цивилизација може да се гордее. “Искрено се надевам дека толеранцијата, дрвјата во овој парк и пријателска Македонија ќе напредуваат, бидејќи без толеранција, без паркови и без напредна и среќна Македонија, ниту ние како поединци ниту нашите земји и нивните граѓани не би биле среќни”, истакна хрватскиот амбасадор Милошевиќ. Претседателот на “Биосфера-Битола”, Нешад Аземовски, смета дека идејата за укинување на “Дипломатскиот лов” е силен мотив за искоренување на криволовот и заштита на дивите животни во Македонија.
Ж.Ѓ.
|