Кампања
“Стоп на работа на црно на жените”
Под мотото “Стоп на работата на црно на жените”, Секцијата на жените при Сојузот на синдикатите на Македонија на 10 декември оваа година ја започна кампањата за почитување на достоинството на трудот - против работата на црно. Кампањата ја започнаа во исто време женските организации во синдикатите на 23 земји од Централна и Источна Европа, здружени во Меѓународната конфедерација на слободни синдикати – ИЦФТУ. “Со кампањата”, вели Лилјана Јанкуловска, претседател на Секцијата на жените при ССМ, “го креваме гласот против злоупотребата и грубата експлоатација на трудот, неостварувањето на правата на работниците, недоволно платениот труд, немањето социјално осигурување (пензиско и здравствено) и злоупотребата на работното време.” Инаку, според официјалните податоци, работењето на црно во Република Македонија е присутно во сите сфери, дури и во државните органи и учествува со околу 45% во бруто домашниот производ. “180.000 работници”, вели Јанкуловска, ”работат на црно, од нив, 60% се жени”.
Основната и крајна цел на Кампањата е легализирање на работниот однос. “Секцијата на жените при ССМ ќе преземе повеќе активности во рамките на кампањата”, вели Мимоза Вујошевиќ, координатор на Кампањата. “Ќе бидат информирани и едуцирани жените што работат на црно, ќе биде отворена посебна, бесплатна телефонска линија за нивни јавувања, ќе бидат организирани трибини, тркалезни маси, отворени форуми, со цел пошироката јавност да се запознае со проблемите што ги предизвикува работењето на црно на жените. Ќе се обидеме синдикално да ги организираме, бидејќи заедно можеме да направиме многу повеќе во борбата против незаконското работење и ќе предложиме соодветни измени и дополнувања на закони со кои ќе се овозможи работодавците ретроактивно да го легализираат работниот однос на работниците и да се зајакне казнената политика за работењето на црно”, вели Вујошевиќ. Кампањата ќе трае во текот на целата 2005 година.
Гонце Јаковлеска
|
|