ТЕМА ЗА ДЕБАТА 

Фаќате ли врски?

Дали фаќате врски? Дали се обидувате, по стариот, лош обичај, да завршите некоја работа вон вообичаената процедура, преку ред или без ред? Дали сметате дела "фаќањето врски" е неопходно во нашето општество, па дури и кога се работи за невладиниот сектор? Дали сметата дека корупцијата на мала врата влегува и во нашиот сектор?

Ви ја поставуваме оваа интересна тема за размислување, но таа бара искрен одговор. Ве покануваме да учествувате на нашиот Форум, кој е он лине на веб-страниците на Граѓански свет: www.graganskisvet.org.mk и www.civicworld.org.mk . За почеток, еве како на оваа тема размислуваат неколку личности активни во невладиниот сектор:

Емилија Тодоровска:
Корупција - тоа е голем збор. Но, и фаќањето врски е корупција, барем според моето мислење. Мислам дека нема "мала" и "голема" корупција, и дека и најмалото добивање нешто на незаслужен начин, а со давање на одреден надомест за тоа (не секогаш нужно пари), е сепак корупција. Но, мислам дека тоа во невладиниот сектор го има во многу мала мера. Јас лично никогаш не сум барала врски за нешто, за некој проект или грант. Мислам дека тоа во овој сектор едноставно "не пали", работиме со странски донатори, а кај нив нема врски, се одлучува во странски држави од каде доаѓаат фондациите. Се случувало да поразговараме за некој проект, да се објасни подобро, но тоа веќе е лобирање, а тоа е нешто друго, тоа е нешто што е озаконета форма на делување секаде во светот. Тука се зависи од вашата моќ на убедување, дали вие ќе го уверите соговорникот во нешто. Вие не му нудите ништо, не го корумпирате, не го "поткупувате", туку само го убедувате со силата на вашите аргументи, а тоа е нешто сосема друго...

Билјана Стаменковска:
Мислам дека "фаќањето врски" и корупцијата се најмалку изразени во невладиниот сектор. Сепак, не верувам дека и овој сектор е сосема "чист" од оваа негативна појава, која за жал, се јавува како начин на работа кај нас веќе подолго време, а во последните години многу изразено. Но, во споредба со другите области на општествениот, а посебно на политичкиот живот кај нас, невладините организации се навистина многу, многу почесни во своето работење.

Кирил Николовски:
Каде кај нас нема "фаќање врски"? Па тоа во нашава средина е "нормален" начин на работа. Но, едно е "фаќање врски", а друго корупција, под што подразбирам поткупување, давање пари или друга материјална корист на оној кој треба да ни заврши некоја работа. Ова второво, верувам дека во НВО-секторот го нема. Фаќање врски има, но корупција сепак нема меѓу невладините организации. Кај нас повеќето од невладините организации се составени од волонтери, луѓе кои во тие организации внеле ентузијазам и искрена желба за работа, па така и работат - ентузијастички и искрено, а не корумпирано. 

 

ОД МИНАТОМЕСЕЧНАТА ДЕБАТА
Дали невладините организации треба да се финансираат од Владата?
Минатиот месец, на Форум-от беше актуелно прашањето: Дали невладините организации треба да се финансираат од Владата, и дали притоа треба да се чувствуваат обврзни кон неа? Претставуваме неколку мислења на оваа темач

Звонко Шаврески:
Оние невладини организации кои работат за остварување на јавен интерес, треба делумно да се финансираат од Владата, за тој дел од својата работа, т.е. остварувањето на јавниот интерес. Невладините организации одредени дејности од јавен интерес можат да ги остваруваат многу поефтино, а многу често и поефикасно од Владата, и поради тоа треба да се поддржуваат од неа. Но, од друга страна, ако се загуби финансиската независност, се губи неминовно и самостојноста. Од тие причини, нашата НВО, "Полио плус", не поднесе барање за добивање на финансиска помош која за невладините организации ја нудеше Министерството за финансии.

Ида Хрисохо-Лозановски:
Меѓу другите извори на финансирање на НВО, треба да земе учество и Владата, со што таа ќе даде поддршка на активности кои се од општ интерес. Со давањето на средства на невладините организации, Владата не треба да очекува за возврат поддршка ако општото мислење е дека таа треба да претрпи критика. Само на тој начин може да се развие вистинска демократија. Така, Владата ќе даде голем придонес за развојот на граѓанското општество.