Седум организации формираа
Мрежа на Тинк-тенк
Како резултат на неколкумесечна иницијатива на седум организации, на 12 јуни 2007 година се формираше Тинк-тенк мрежата – Македонија. Промотивна дебата за одбележување на почетокот со работа носеше наслов „Улогата на Тинк-тенковите во креирањето на јавни политики во Македонија
“Тинк-тековите се организации кои истражуваат, даваат квалификувани совети и предлагаат решенија во доменот на јавните политики. Идејата за вмрежување на седум организации потекнува од потребата за дистинкција на тинк-тенковите од другите организации. Тинк-тенковите во светот и во Македонија имаат потреба од институционална поддршка”, истакна Гордан Ѓеоргиев, претставник на Форум-Центарот за стратешки истражувања и документација. “Често пати се вели дека тинк-тенковите претставуваат мост меѓу идеите кои се презентираат во универзитетите и идеите кои подоцна се имплементираат во реалната политика. Тинк-тенковите дејствуваат кон општата јавност, на парадоксален начин дејствуваат и кон донаторите, односно им се нудат можности да инвестираат”, рече Ѓеоргиев.
Целта на вмрежувањето е промовирање на тинк-тенкот како институција, подигање на капацитетот на работа, заеднички настап за стратешки проекти од поголем обем, потврдување на улогата на нашите организации во креирањето на политики и генерално, подигање на свеста за влијанието и улога на нашите институции во општествените текови.
Основачи на Тинк-тенк мрежата се: Аналитика МК, Институт за демократија „Социетас Цивилис”, Институт за економски стратегии и меѓународни односи – ОХРИД, Студиорум - Центар за регионални истражувања и соработка, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за економски анализи (ЦЕА) и Центар за истражување и креирање политики (ЦРПМ)
Ф.Н
|
|