“Фронт 21/42”
Климатските промени и рециклирањето меѓу учениците
Граѓанската организација „Фронт 21/42”, со поддршка на Британската амбасада, под мотото „Нашата клима се менува - мора да се промениме и ние”, ја започна националната кампања за подигнување на јавната свест за климатските промени. Кампањата се спроведува во средните училишта низ државата, каде што тим на борци против климатските промени, во најголемиот дел средношколци, ги едуцираат своите врсници.
Во анкетата спроведена од „Фронт 21/42” средношколците покажале големо незнаење за причините за климатските промени, оценувајќи ги како божја волја или пак резултат на промени во природата. Целта на кампањата е младите да се запознаат со своите постапки кои придонесуваат за климатски промени и како да го насочат своето однесување за да направат разлика. За таа цел, изработен е и ТВ спот, а во соработка со „Македонски шуми” ќе биде спроведена и акција за засадување на 28.000 садници на различни локации. Во текот на кампањата се користат искуствата на Велика Британија, која е единствената држава во светот со закон за оваа проблематика.
Британската амбасада во Македонија, заедно со Шведската агенција за меѓународна соработка (СИДА), ќе го финансира и проектот „Сите сме заедно во кругот” на „Фронт 21/42”. Средношколците во Гостивар, во рамките на проектот, започнаа со програма за селекција и откуп на пластична ПЕТ-амбалажа во своите училишта.
Ова е прва организирана и континуирана програма за рециклирање во нашата земја, која ги вклучува сите елементи за „затворање на кругот” - потрошувачи, посебни места за собирање на амбалажата, како контејнери за ПЕТ-пластика, дефинирани термини за оставање на пластичниот отпад и организиран откуп од страна на приватна компанија. „Фронт 21/42” организира работилници за градење на капацитетите на работните групи, а во рамките на проектот се набавија компјутери, печатачи и канцелариски материјали со кои се опремија работните кабинети за секоја работна група. „Фронт 21/42” склучи договор за откуп на собраната амбалажа со приватната компанија „ЕкоПет”. Сите средства добиени од откупот компанијата директно ќе им ги префрла на училиштата.
С.Н
|
|