коментар
Во различноста е богатството на светот
„Отворете ги прозорците” - вака гласи насловот на здружението кое низ различен вид активности им овозможува пристап на лицата со хендикеп до информатичката технологија. Неговите напори, меѓу другото успешно го анимираат и бизнис - секторот да донира дел од своите средства и опрема за корисниците да можат да фатат приклучок со современиот свет.
Тоа е само едно од многуте граѓански здруженија што во изминативе години во јавноста ја презентираат и втората, паралелна слика на општеството, која излегува од се повеќе прозорци во градовите и селата во Македонија.
Колкава е потребата од се повидливо, погласно, подиректно презентирање на стварноста на лицата со различен вид пречки во секојдневното функционирање во денешниот свет, од побрзо донесување на потребната законска регулатива, но и нејзиното ефективно имплементирање, можеше да се види и на годинешниот 6 - ти по ред НВО саем, на Форумот на граѓанското општество, кој под наслов „Еднакви можности за сите”, се одржа на 16 и 17 ноември во Скопје. Присутните чуја искуства, стручни размислувања, ставови и осуди за бавното темпо со кое се движат промените во сферата на воспоставување на еднаквост меѓу сите граѓани, без разлика на нивното групирање врз било која основа, се компарираа и искуствата со останатиот дел од светот, но беа потенцирани и позитивните примери кои водат напред.
Упорноста, волјата, високо поставената цел, но и градењето стратегии за борба против стереотипните размислувања, против луѓето кои светот го доживуваат како црно-бел филм во кој позициите се однапред познати и непроменливи, се дел од елементите на кои победниците и во граѓанскиот сектор го темелат својот успех.
Во отворањето на прозорците, сакале или не, се повеќе мора да им помагаат државните и локалните власти, бизнис - секторот, бидејќи тоа се смета за неминовност во глобализираниот свет. Дел од ови е партнери на граѓанскиот сектор стануваат се пофлексибилни, а на останатите сеуште им треба време за да разберат дека новите генерации брзо ги рушат стереотипите и дека седењето зад замислените барикади, нивните царства ги прави темни и непривлечни.
Во различноста е богатствотото, таа го прави животот поубав, а убавината никогаш, за среќа, немала материјална цена.
Катерина Богоева
|