погледи

Опомена за сите генерации

“Не натоварија во вагони за добиток и не испратија во Полска, во местото Биркенау. Ги одвоија способните за работа, а другите ги ставија во одделни соби. Никој не знаеше што ги очекува. Јас, по едно време, седнав до една фурна за да прочитам нешто, на светлоста од она што гореше од неа. Не можев ни да помислам дека токму во тој момент пламенот што ми светеше да читам излегува од телата на моите несреќни деца, кои токму тогаш ги гореа”.

Вака ја опишува трагедијата на своето семејство Исак Арух.   Во Биркенау, или Аушвиц 2, постоеле три згради, кои имале функција на гасни комори, 4 крематориуми и уште неколку големи јами за спалување на живите затвореници. Во Аушвиц 1 постоел научен институт во кој се вршени експерименти на луѓе и фетуси, тука секој логораш бил жигосуван и во овој дел од злогласниот логор е испробан гасот циклон. Аушвиц 3 е место за присилна работа. Гер­ман­скиот конгломерат инвестира 700 милиони рајхмарки за изградба на фабрика за синтетички каучук во која работеле здравите, но изнемоштени тетовирани души. Опколен со бодликава жица низ која струјата ги овекове­чува намачените, овој логор беше кошмар за милион и триста затворе­ници кои беа депор­ти­рани од 1940 до 1945 година.
“Низ дупките на бараките гледавме како  пристиг­нуваат композиции пол­ни со Евреи. Во дворот ги пре­че­куваа со оркестар­ска му­зи­ка, а потоа следуваше селек­ција, тетовирање и со­бле­ку­вање до гола кожа. Ги носеа во божемните бањи каде што добиваа сапуни и им пуштаа отровен гас, сите за десет минути беа задуше­ни, потоа ги носеа во крема­то­риумот, од каде се гледаа високи пламени. Герман­ците велеа дека само на овој начин може да се излезе од Аушвиц. Од пепелта правеа сапуни. Тоа беа вистински фабрики на смртта, каде што процесот продолжуваше кон­ти­нуира­но”, раскажуваат мал­ку­те преживеа­ни. Аушвиц, Тре­блин­ка, Матхузен, Бергн-Белзен, Дахау... 6 милиони Евреи. Биланс на една човечка трагедија. Болка за секој човек, опомена за сите генерации. Не сум била родена таа 1943 година, но слушам, гледам и читам за мартовското утро кога од топлите постели насилно, без образложе­ние, биле одведени моите - Евреите од овој вековен град во кој сите живееле во љубов, соработка и солидарност. Не се чув­ству­­ва­ла нетрпели­­вост. Ги поврзувал посто­јаниот оптимизам, вер­бата дека животот може да биде поубав. Затоа им бил непо­знат зборот анти­се­мити­зам. Затоа скришно им подавале на своите сосе­ди леб, тогаш кога биле гладни, понижени, ограбе­ни, тогаш, во скопскиот монопол. Имало многу пра­ша­ња: каде, зошто, кој... Сатанскиот гениј, демонизмот, лудачката амбиција да се создаде голема Германија и нејзиниот нов свет - тоа се одговорите кои доведоа до катастрофална човечка катаклизма и до жестока гибелна судбина на 6 милиони Евреи од Европа, меѓу кои и на македонските. Тоа е ХОЛОКАУСТ. Збор чија суштина ја разбрав кога првпат во еден музеј ги видов фотографиите на изнемоштените ковчести тела на Евреите фрлени во јамите во Јасеновац. Па тука се некаде и мојата прабаба и прадедо - си реков и ја изгубив свеста  струполувајќи се на земја. Иако бев дете ја чувствував болката како планина која ми ги стега градиве, но, сигурно, е помала од вистинската на преживеаните. Од 7.200 депортирани од Македонија, останаа незначителни остатоци од една незаменлива и голема еврејска заедница. Заблудите на еден народ кој не умееше да го распознае коренот на холокаустот и судбоносната анестезија на духот, да ја открие опасноста пред која е исправен, да верува во правото на правната држава во општество во кое тие се невозможни - останува на науката воопшто да го објасни феноменот на генезата на холокаустот. И, ако е вистина дека токму страдањата на еден народ ја создаваат и неговата национална свест - според теоријата на историчарот Дубнов, тогаш трагедијата на македонските Евреи воопшто не останала без одговор. Без оваа стравот­на трагедија, можеби не ќе најдевме во себе доволно морална сила и амбиција, за да тргнеме по тешкиот, но славен пат кон наша слободна и независна држава Македонија. А во неа, за навек ќе ги славиме и паметиме сите оние што тргнаа и не се вратија.

(авторката е член на УО на Еврејската заедница на Македонија )