коментар
За иднината
Го прославивме деветти мај, Денот на Европа. Се прашувам кога ќе дојде денот и ние да бидеме дел од Европа. Сите чезнееме за тој ден. Но тоа не е ни толку лесно. Имаме уште многу да сработиме за да бидеме дел од неа. Сите треба да се ангажираме, почнувајќи од владините институции, па до граѓанските организации.
Пред еден месец бев на едно студиско патување во Јужна Африка. Земја со долга традиција и бурна историја. Во земјата владееле разни колонизатори. Луѓето се сеќаваат на минатото, но сакаат да го заборават што побрзо. Тоа што ми остави впечаток беше процесот на помирување низ кои поминале сите, без разлика на нивната раса. Системот што бил инсталиран во тоа време не може да го разбере разумен човек. По апартхејдот во Јужна Африка се основала Комисијата за правда и помирување. Лицата кои биле вклучени во мачењата, пред јавноста, морале да зборуваат за злосторствата што ги правеле за време на апартхејдот.
Морале да се соочат со нивните жртви. Одмаздата по разоткривање на вината била многу мала. Денес тие, со мали исклучоци, не го забораваат минатото, но работат за подобра иднина на земјата.
Се прашувам, дали таквото искуство на ЈАР би се спроведело кај нас што се однесува на кризата од 2001 година. Дали ќе успее, или уште повеќе ќе се замразиме?
Нека ти е честит денот Европо. Па и нам. Се надевам дека и ние наскоро, само со работа, и за иднината на оваа земја, ќе станеме дел од неа.
Грамоз Шабани
|