БАЛКАНСКА ДОВЕРБА ЗА ДЕМОКРАТИЈА
 

Добро владеење и соработка во регионот

 

Три големи донатори – “German Marshall Fund” од САД, УСАИД (Агенцијата за меѓу­народен развој на САД) и Фондацијата Чарлс Стјуарт Мот ги здружија силите и средствата во формирањето нова иницијатива наре­чена „Балканска доверба за демо­кратија”, која стана оперативна летово. Целта на оваа иницијатива е развој и поддршка на про­цесите на доброто владеење во Југоисточна Европа.

Иницијативата всушност потекна од “German Marshall Fund”  кој го здружи својот капитал со другите два донатори, формирајќи распо­ложлив фонд од 25 милиони долари за оваа иницијатива. Седиштето на „Балканската доверба за демократија“ ќе биде во Белград, но таа ќе работи во Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Македонија, Србија и Црна Гора, Романија и Хрватска. Годишно, ќе бидат на располагање скоро два милиони долари за давање грантови на локални здруженија на граѓани или групи на граѓани, локалните и регионалните влади, образовни институции и медиуми. Грантовите ќе бидат давани за проекти што ќе ги подобруваат контактите меѓу граѓаните и нивните влади. Исто така, ќе се даваат грантови за проекти што поддржуваат прекугранична соработка и кои промовираат развој на граѓанското општество во регионот.

Во програмата на „Балканската доверба за демократија“ се издвојуваат две прин­ципиелни подпрограми. Едната е „Поврзу­вање на граѓаните со власта“ (поддршка на вклученоста на граѓаните во работата на властите, мониторинг на работата на властите од страна на граѓаните или граѓанските здруженија, подобрување на разбирањето на граѓанските права и одго­ворности), а втората „Соработка и здру­жување“ (поддршка на суб­нацио­налното и трансб_алканското здружување и соработка ме­ѓу владите, здруженијата на граѓани, гра­ѓанските ини­цијативи и другите институции чија цел е да се подобри разбирањето и соработката во регионот).

 
М.И.