Вовед

Да не ги заборавиме напатените

Можеби се малку оние кои не ги заборавиле луѓето кои пред една година ги оставија нивните домови за да ја спасат главата. Тогаш сите бевме трогнати од тоа што се случуваше околу нас, плашејќи се да не не снајде и нас истото. А денес, веќе порелаксирани, со мислата дека тоа веќе е минато, се забораваат луѓето кои се уште тежнеат да се вратат во своите куќи, огништа, во нивниот рај. Дали сите се подготвени да се вратат или дали сите се подготвени да ги прифатат. Минатиот месец беа одржувани неколку средби, семинари, наречете ги како сакате, токму на тие теми, дали е можно сожителството, мултиетничко општество и др. Како се чувствуваа луѓето кои пред овие семинари збор не си кажале, се мразеле, дури и најлошо еден за друг си замислувале, а сега треба да градат меѓусебна доверба, треба да ги проголтаат кажаните валкани зборови, да се погледнат в лице еден со друг, да се поздрават, и тоа што е најбитно: треба да си ги простат нивните гревови (ќе биде тешко, но тоа е неизбежно), бидејќи соживотот е неминовен.

Пред неколку дена се вратив од еден семинар, сосем поинаков, каде таа недела ја живеевме сите заедно, иако скоро сите непознати, говоревме различни јазици, сепак се разбиравме меѓу себе, а единствено се разликувавме по полот и по возраста. Се убедив дека дијалогот е можен, само е потребна доверба во тоа што сакаме да го постигнеме.

Еден пример за тоа, дека војната носи многу несреќа, тага, жалост, и дека сите треба да придонесеме таквите непријатности и лудила да не ни се случуваат повеќе е егзодусот на Ромите за време на Втората светска војна. Една илустрација и еден придонес беше и одржувањето на манифестацијата на денот на Ромите, под мотото „Милениум на прогон и прогром”. Колку луѓе ги загубија животите во минатите војни, колку луѓе останаа без своите најмили, без домови - беа избркани од нивните огништа. До кога некому ќе му пречи дека јас сум бел, тој е црн, таа жолта, јас зборувам еден, другиот друг, а третиот сосем трет јазик.

Дали се уште треба да патиме, да жалиме, да бидеме завиени во црно, додека не се „истребиме” сите или додека не му докажеме на другиот дека "ние" сме во право. Да му докажеме дека ние сме сум стожерот на ова општество, дека без мене не бидува. Но, да не заборавиме дека тоа е многу тешко да се докаже, или да бидам и подиректен – тоа е неможно. Ние само можеме да се стремиме кон тоа, но тој другиот ќе ти предочи илјада и еден аргумент дека тој си е во право, а не ти. Па кога нашиот човек ќе се освести дека е време веќе да не живее во илузии - да не гради палати во песок. Треба да сфатиме дека на оваа општество секој од нас и е важен и потребен. Дека сите треба да се стремиме да градиме општество со услови пристојни за сите. Неправдата кон некого, или тешките услови за живот на соседот - се и наши. И, на крајот да го кажеме и тоа, дека нашиот човек треба да сфати дека оваа судбина ни е дадена од Господа, и треба како таква да ја прифатиме, а условите за живот и односите меѓу нас - да ги промениме.

Грамоз Шабани