Проект “Корени 2007”
Дружење во татковината
Согласно уставните обврски и програмата на Директоратот за дијаспора при Министерството за надворешни работи на Република Македонија, од 2 до 9 септември во Дојран се одржа турнир во мал фудбал на екипи составени од македонските национални малцинства од соседните држави и Македонците - иселеници во дијаспората. Конкретен повод за турнирот беше Денот на државноста на Република Македонија - 8 Септември. Турнирот е дел од проектите на Координативното тело за иселеништво (КТИ), тело во кое со свои активности учествуваат министерствата за надворешни работи, за култура, за образование, Агенцијата за иселеништво и Агенцијата за спорт и млади.
На турнирот „Корени 2007” во Дојран беа поканети и учествуваа десет екипи: Спортското друштво „Калабак” од с. Борје во Гора - Заедница на Македонците во Албанија, Друштвото на Македонците од Романија, „Бањалучани 2002” од Босна и Херцеговина, „Виделина” - Македонска заедница во Хрватска, ФК „Македонија” од Австралија, Македонската горанска заедница од Гора на Косово, ФК „Носталгија” од Австралија, македонски културни друштва од Словенија и Здружението „Прохор Пчински” од Пјаченца, Италија.
„Првпат се организира средба од овој вид, затоа што првпат е создаден буџет во рамките на проектот КТИ. Целта на целата манифестација е дружењето од кое произлегуваат разговори за проблемите со кои се соочува македонското малцинство во другите држави, на кој начин и со кои активности ги надминуваат во земјите од каде што доаѓаат. Тоа е интересно искуство, како едните добиле одредени права во земјата од која доаѓаат и како другите кои не ги имаат тие права да ги остварат во нивната земја каде што живеат.
Турнирот започна на 2 септември, заврши на 9 септември, додека на 8 Септември, на пригодна свеченост која се одржа во Битола, на победниците им беа доделени пехари за освоените места во спортскиот натпревар. Тенденција е турнирот да стане традиционален, со можност да се зголеми буџетот и да се вклучат повеќе екипи од дијаспората со повеќе различни спортови и со културно-уметничка програма”, ни објасни Стево Симски, раководител на одделението за Македонско национално малцинство (МНМ) во Директоратот за дијаспора при Министерството за надворешни работи на РМ.
Освен спортските активности, на турнирот беа предвидени прошетки и запознавање со природните убавини на Македонија. Македонските иселеници не ги штедеа зборовите на благодарност за организирањето средба од овој вид. Такви беа и нивните впечатоци. „Името на нашето друштво е ’Носталгија’, затоа што нашите родители се излезени пред шеесет години. ’Носталгија’ ни е името на клубот затоа што носталгијата постојано н$ влече во нашето родно место. Никогаш нема да ја заборавиме Македонија. Нема да ја заборават ниту нашите предци кои отидоа во Австралија. Луѓето останаа таму, но срцето е секогаш тука, во Македонија. Организацијата на турнирот не можеме да ја опишеме со зборови, но ќе ја чуваме во нашите срца и ќе им ја пренесеме со зборови на другите генерации кои се во Австралија”, вели Цане Андреевски од Австралија. Тој ни објасни дека на турнирот се присутни екипи од Волонгонг и од Сиднеј, но ако турнирот стане традиција, ќе ги донесат и децата од Перт, од Мелбурн, од цела Австралија, да дојдат да ја видат и да го почувствуваат мирисот на нивната татковина, на Република Македонија.
„На турнирот, којшто го организира Министерството за надворешни работи на Македонија, дојдовме од Јабука, кај Панчево, блиску до Белград”, вели Венче Јовановски, претседател на подружницата „Јабука” при здружението „Вардар”. „Турнирот се организира за првпат и мислам дека е многу значаен за нас, затоа што можеме да се запознаеме со Македонци кои живеат на други континенти, во други држави во светот. Се запознав со Македонците од Австралија, од Италија, од Австрија.
Се запознаваме и почнуваме да соработуваме, да се допишуваме и да се посетуваме со нив. Направивме контакт со Македонците од Романија и се договоривме да дојдат кај нас во Србија, а потоа ние ќе ги посетиме во Романија. Овие средби се потребни и треба почесто да се организираат, можеби и малку пошироко, со културно-уметничка програма, и да се смисли форма да биде застапен и женскиот род, зашто на турнирот во фудбал дојдовме само мажи”, предложи Јовановски.
Македонското национално малцинство во Романија успеа да се избори за свој претставник во државниот парламент. Искуствата ни ги пренесе Марјан Михајлов, Македонец од Штип, кој веќе осум години живее во Букурешт. „Македонското друштво во Букурешт е член на Советот на малцинствата на Романија, кој е советодавен орган на Владата на Романија. Претставени сме во романскиот парламент од пратеникот Лијана Думитреску, која е пратеник на македонското малцинство во Романија. Таа ги претставува етничките Македонци во Романија, што значи дека Македонците во Романија се признаени како малцинство заедно со други 18 малцинства. Претседател на друштвото е Константина Думитреску, две жени, благодарение на кои постои Друштвото на Македонците во Романија, а и македонското малцинство во Романија е признато затоа што во 2000-та година тие успеаја да го вметнат македонското малцинство во уставот на Романија. Оттогаш постои и друштвото. Сега има 22 филијали, најактивните се во Букурешт, во Темишвар, во Крајова, во Бајлешт, во Урзикуца. Во друштвата има околу 3.000 регистрирани членови, но претпоставувам дека бројот на Македонците во Романија е над 15.000. Тоа го тврдам затоа што само во последниот бран на Македонци дојдени во Романија, во текот на 1948 година (а тоа се децата бегалци од Егејска Македонија), се дојдени над 8.000 луѓе, деца и семејства. Тие не се вратени никаде на друго место, туку останале во Романија. Се појавуваат проблеми со нивната регистрација затоа што тие не се заведуваат како Македонци и не се запишуваат во нашите друштва, туку се заведуваат како Грци”, нагласи Михајлов. Тој истакна и неколку проблеми со кои се соочуваат Македонците во Романија.
„Македонците во Романија беа исчезнати. Тоа се етничките Македонци кои како печалбари во бранови оделе во Романија по балканските војни, по Втората светска војна, трговци кои заминале да тргуваат со сол во Влашко (Романија) и таму останале. Денес нивните деца и внуци се тие кои се активни. За жал, и таму има проблеми со јазикот. Јазикот се зборува тешко. Родителите знаат, но децата или не знаат, или зборуваат тешко. Госпоѓицата Думитреску успеа да добие часови по македонски јазик во Урзикуца двапати неделно, но сега проблемот е што не можеме да обезбедиме професор по македонски јазик кој ќе ги држи часовите.” Михајлов го истакна значењето на турнирот од повеќе аспекти, освен спортското натпреварување и дружење.
„Турнирот значи многу од повеќе гледни точки. Значи многу, затоа што некои од децата првпат доаѓаат во Македонија. Добро е за дружење, но и да се пробуди македонското во нас. Да почувствуваат дека се Македонци. Едно е таму да се чувствуваш како Македонец, а сосема друго е чувството да дојдеш во Македонија. Иако тоа се деца на печалбари од пред 150 години, тие велат дека во Македонија се чувствуваат како дома. Турнирот им даде храброст да не се срамат да кажат дека се Македонци и да имаат со што да го поткрепат тоа. Да знаат да кажат каде е Македонија “, заклучи Михајлов.
Во рамките на проектите КТИ, веќе се подготвува учебник за македонски јазик кој ќе биде дистрибуиран во земјите на иселениците и во дијаспората. Со тоа ќе биде решен еден од најчесто посочуваните проблеми кои ги имаат македонските национални малцинства во соседните држави и Македонците во дијаспората. Секако, организирањето разновидни спортски турнири и културно-уметнички форми на дружење во матичната држава ќе го зголеми нивното национално чувство и ќе ја намали носталгијата кон Македонија.
|
|