Донатори

И Македонија донираше за настраданите од цунами брановите

Македонските граѓани ја покажаа својата хуманост на дело на почетокот на 2005 година, организирајќи се во собирањето на помош за настраданите по катастрофата на цунами брановите од кои во Југоисточна Азија настрадаа околу 280 000 луѓе, а исчезнаа 220 илјади луѓе. На плоштадот Македонија во Скопје на 15 јануари се одржа целодневен хепенинг каде за донација се продаваа капчиња и маички со потписи на естрадните ѕвезди кои настапија и на вечерниот концерт. На Втората програма на Македонската телевизија која ја следеа и Македонците во дијаспората учествуваа уметници и јавни личности кои  продаваа своја облека, накит и предмети, при што средствата исто така ги посветуваа на настраданите во Азија.

Градот Скопје донираше 1.5 милиони денари, а градските советници одвоија по еден  месечен надомест за седници. Граѓаните на Македонија имаа можност преку јавување на телефонскиот 0590 22 330  со едно јавување да донираат  50 денари како свој придонес во акцијата  во која се вклучија  голем број фирми, стопанственици, беа организирани спортски натпревари, аукции на детски цртежи. Според информациите со кои располагаше Црвениот крст на Македонија на крајот на јануари, претпријатијата и организациите донираа 3.552 664 денари, донирани се и лекарства во висина од 46.743 844   денари, а општинските организации на Црвениот крст, фирмите и граѓаните за настраданите од цунами поплавите  донираа 4.857 104 денари.    

К.Б.