Еколошко друштво “Еко-мисија” - Скопје
Водно позелено за 2000 нови садници
Во организација на Еколошкото друштво “Еко-мисија” од Скопје, на 27 ноември 2004 година беше спроведена доброволна граѓанска акција “Пошумување на Водно есен 2004”. Пошумувањето беше извршено на локалитетот Пештерка, на околу 400 м источно од последниот “видиковец” на патот Олимписко село - Средно Водно, при што беа посадени 2000 дрвца аризонски чемпрес.
Акцијата беше реализирана од 66-члена екипа од мешан состав, во која, покрај членови на ЕД “Еко-мисија”, учествуваа и ученици од Државното средно училиште “Владо Тасевски” и американската гимназија “Нова”, членови на планинарските друштва “Китка”, “Кораб” и “Бистра” и на Друштвото за заштита на животните и животната средина “Паун”, како и неколку од вработените во ЈП “Паркови и зеленило”.
Во Еко-мисија велат дека ова е втора година на спроведувањето на оваа акција и таа има амбиција да стане традиционална и, како таква, дел од културното живеење на Скопје и скопјани. Една од целите на акцијата беше и да се подигне свеста и чувството на одговорност кај граѓаните кон заштитата на природата.
Акцијата беше изведена со материјална, финансиска и(ли) логистичка поддршка од Повеќе институции и фирми.
ГЈ/ПБ
|
|