НВО САЕМ - 3 ФОРУМ НА ГРАЃАНСКОТО ОПШТЕСТВО ВО МАКЕДОНИЈА

Невладиниот сектор станува се’ повидлив и попривлечен за граѓаните

Саемот го посетија над 10.000 граѓани, од кои 2.500 организирано пристигнаа од внатрешноста на земјава
Катерина Богоева 
 

Со цел да придонесе кон јакнење на инсти­туционалниот  капацитет на  граѓанските организации во земјава, годинешниот НВО Саем - 3 форум на граѓанското општество во Македонија, широко ги отвори вратите за сите  кои во периодот на одржувањето 20 - 22 ноември дојдоа на Скопскиот саем. Над 10.000 граѓани го посетија изложбениот  дел  каде на 135 штандови се преставија 205 граѓанскио  организации од сите можни  граѓански сектори, а за прв пат меѓу нив се најде и Секторот за европски интеграции на Владата на Република Македонија, но и неколку фирми кои придо­несуваат за алтернативниот општествен развој. Организиран од страна на  Македонскиот центар за меѓународна соработка, Фондацијата Институт отворено општество - Македонија и Институтот за трајни заедници, со поддршка од Данската црковна помош (ДЦА), Европската агенција за реконструкција, Владата на Република Македонија и Македонската инфор­мативна агенција (МИА), тој ја исполни поставената цел, создаде простор за размена на искуства и поттикнување на меѓусебното разбирање и почитување на граѓанските организации, поттикнување поголем дијалог, зголемување на комуникацијата и сора­боткатата, но и на информираноста на јавноста и другите актери за активностите на гра­ѓанските организации. Саемот ја овозможи очекуваната размена на информации меѓу домашните и петнаесетте организации кои го претставуваа регионот - организации од  Црна Гора, од Турција, од Словенија, од Косово и од Бугарија.

Форумските активности годинава се проширија

 


Минатогодишните позитивни искуства до­биени од одржувањето на форумските актив­ности годинава влиаеја нивниот број да се зголеми. Беа организирани 48 панели, форуми, тркалезни маси, едукативни сесии од кои само 4 беа организирани од страна на организаторите на Саемот, а останатите беа во организација на другите учесници. Пара­лелно со текот на форумскиот и излож­бениот дел од активностите, се одвиваа и социо-културни настани. НВО Саемот иницира дискусии, од него се извлекоа низа констатации, но и можни решенија за повеќе прашања коишто го засегаат не само невладиниот сектор, туку и оп­штеството во целина. Мобилизацијата на граѓанското општество, состојбата со јаловиштата како ризик за животната средина, правното регулирање на сло­бодниот пристап до информациите, при­влеч­носта на интеграциите, предизвиците кои ги нуди на информатичкото општество и улога на НВО, дилемите “глобализација или одржлив развој за Македонија”, култур­ните ресурси како можност  за локален развој, одржливоста на граѓанскиот сектор и алтернативните можности за финан­сирање, прашањата поврзани со децентра­ли­зацијата и локална демократија, насилството врз жените како пречка за постигнување реална еднаквост, патиштата за стратегија за дијалог и соработка меѓу државата и граѓанскиот сектор - беа дел од темите што испровоцираа доволна посетеност и интерес за учество на преставници на секторот НВО, стручни лица од различни професионални области, прет­ставници на државните органи, на политичките партии и иституции, на медиумите.

“Овозможениот простор за деба­тирање, е позитивно искус­тво. Тој произлезе од гра­ѓанската потреба која се’ уште не е реализирана во целост” – потенцира, меѓу дру­гото, извршниот директорот на МЦМС Сашо  Клековски, за кого презентацијата на најразлични организации од сите сектори е од голема важност, поради про­ширување на хори­зонтите, што всушност прет­ста­вува граѓанска организација денес.

Организациите, секоја со својот репре­зен­тативен материјал, покажаа кои се нивните досегашни проекти, на што работат, кои се нивните идни планови за унапредување на граѓанското општество. Широкиот простор за презентација три дена беше исполнет со бои, џагор, музика, со детски игри, но и со теми за кои говореа возрасните, во име на сите. 

 


Секотор НВО има потреба од презентирање и информирање

“Во пракса се покажува дека на јавноста и’ се потребни повеќе информации за тоа што всушност работат невладините организации. Постојат низа дезинформации за нивната работа. Изложбениот дел на саемот покажува дека НВО не бегаат и дека презентирањето го сметаат за битен дел на својата активност. Едукативните сесии покажаа дека НВО не се срамат од тоа дека процесот на учење нема крај” - истакна директорот на Фондацијата Институт отворено општество-Македонија, Владимир Милчин. Првиот човек на Институтот за трајни заедници, Пол Паркс, саемот го виде како можност за согледување соработка на секторот НВО со  јавниот и со приватниот сектор.

“Невладините организации треба да помогнат во градењето на граѓанското општество, но и да ја зголемат својата транспарентност”.  Европска агенција како поддржувач на саемот го потенцира фактот дека годинава поддршката ја темелат на сознанијата дека граѓаните го шират својот интерес за алтернативни реше­нија. 

 
Констатации, препораки, укажувања, сугестии

Отворената можност да се презентираат личните ставови и согледувања, но и ставовите и согледувањата на организациите, државните институции во чиешто име говореа учес­ниците стереотипите и потребата од размена на информации од секаков вид, а вниманието беше свртено и на актуелната потреба од поголема безбедност на новинарите. На панелите беа предочени низа аномалии присутни во процесот на реформата на јавната администрација, укажано е на потребата од поголема одго­ворност во заштита на животната средина, од правно регулирање на волон­терскиот ангажман, но и од разјаснување на меѓусебните оче­кувањата на секторот НВО и државата, во градење заедничка стратегија за дијалог и соработка.

Панел

Глобализација или одржлив развој

“Македонија се’ уште нема изградена стратегија за одржлив развој, ниту пак има формирано национален совет”, истакна Маргарита Мат­лиевска од Минстерството за животна средина и просторно планирање на панелот на темата “Глобализација или одржлив развој”, орга­нзиран до страна на РЕЦ.  Проф. д-р Љупчо Групче од Македонското еколошко друштво посочи дека одржливиот развој не може да се постигне само на национално, туку подразбира грижа и на локално и меѓународно ниво, а присутните укажаа на фактот дека во земјава нема кадри за проучување и имплементирање на овој нов приод кон решавање на проблемите од животната средина.

Саемот го видоа 2.500 граѓани од внатрешноста на земјава

Годинава на НВО Саемот со организиран превоз пристигнаа 2.500 посетители од различни делови на земјава. Со тоа, оваа значајна манифестација на секторот НВО се приближи до граѓаните и надвор од главниот град.

Најдобро презентирани НВО

Според спроведената анкета меѓу посе­тителите, за најдобро презентирани НВО се избрани “Меѓаши” и “Македонските волонтери за акција” од Скопје, “Синергија” од Штип и “Сојузот на извидниците на Република Маке­донија”. Наградени се со обуки и книги.  


Панел дискусија  

Резинтеграција и ревитализација на конфликтните подрачја

На третиот ден од одржувањето на НВО Саемот, во рамките на панелот “Резинте­грација и ревитализација на кон­фликтните подрачја” беа презентирани главните наоди и препораки произлезени од студијата изработена од Македонскиот центар за меѓународна соработка  со поддршка на Холандската амбасада. Иако не е целосно комплетирана, таа нуди оценка на состојбата на враќањето на раселените лица и реви­тализација на поранешните кризни подрачја. Меѓу другото, се препорачува: како по­зитивни примери да се поддржат заедниците што живеат во селата што се наоѓаат во околината на директно погодените подрачја од кризата во 2001 година; да се  задржи фокусот на внимание на конфликтните подрачја, наспроти другите; генерирање на локалните развојни планови; поактивна улога на Владата во координирање на развојните планови и нејзина поголема вид­ливост со развојна помош во поранешните конфликтни подрачја; интензивирање на улогата на локалната самоуправа во функција на градење доверба, во економскиот развој; подобрување на сместувањето на раселените лица; ревизија на политикатата “за спре­чување на етничкото чистење” и овоз­можување на луѓето да изберат каде сакаат понатаму да живеат со определен надомест за штета.
“Треба да се балансира во однос на чувствата на Македонците за загрозеност и на Ал­банците за маргинализираност” -  е една од препораките на студијата, која во оваа прилика ја презентира Александар Кржа­ловски, координатор на програма во МЦМС.
За Елизабета Баковска, претставничката на Холандската амбасада “проблемите на безбедноста, невработеноста, малцинствата (каде што малцинство се и оние кои се малцинство на регионално ниво, жените или младите), се проблеми кои се одне­суваат на Македонија како целина и треба да им се пристапи како на такви”. Таа ја потенцира неопходноста Владата да пре­земе водечка улога на координатор и да биде повидливо присутна во заедниците што директно или индиректно  се погодени од конфликтот во 2001 година. “Тоа е следниот природен чекор  во целокупниот процес за ревитализација и реинтеграција на Македонија во целост” - истакна Ба­ковска