Кампања против дискриминацијата

Еден до друг – различни, а еднакви

На 9 декември 2007 година, во Европската година на еднакви можности за сите, пред 10 декември, Меѓународниот ден на човековите права, повеќе граѓански организации одржаа прес-конференција на која беше промовирана заедничката иницијатива за недискриминација „Еден до друг – различни, а еднакви”. Целите на оваа иницијатива се јакнење на свеста за недискриминација и концептот на еднакви можности, донесување општ закон за недискриминација и формирање независна комисија/тело за заштита на човековите права.

Македонија нема општ закон за антидискриминација. Ова прашање не е уредено или не е јасно уредено во законите за јавните услуги, како што се: здравствената заштита, образованието, социјалната сигурност и други услуги, а има и одредби спротивни на меѓународните договори. Македонија со приближувањето кон ЕУ има обврска да донесе општ закон за антидискриминација.

Македонија има Закон за еднаквост на жените и на мажите и иницијативи, како законот за правата на лицата со хендикеп, кој е во собраниска постапка.

Македонија има законодавство (Закон за работни односи) кое забранува дискриминација  при вработувањето и на работното место, врз основа на: расата и бојата на кожата; полот; возраста; здравствената состојба и инвалидност; религиозното, политичкото и друго убедување, членувањето во синдикати; националното (етничко) потекло; социјалното потекло, статусот на семејството и имотната состојба, половата насоченост или заради други лични состојби. Овие одредби се усогласени со законодавството на Европската Унија (ЕУ).

Македонија нема независно тело за заштита од дискриминација. Жртвите на дискриминација во јавниот сектор може да се обратат до Народниот правобранител.

Жртвите на дискриминација може да побараат судска заштита (во редовните судови), или да поднесат иницијатива до Уставниот суд (во случаите на дискриминација врз основа на пол, раса, верска, национална, социјална или политичка припадност), а исто така може да им даде поддршка и граѓанска организација.

Дражавата се обврзала (со национална програма) да донесе општо законодавство за антидискриминација до 2009 година. Граѓанските организации бараат да се донесе национална стратегија и општо законодавство за антидискриминација во 2008 година и да се формира независна комисија за човековите права до 2009 година

 Во иницијативата, меѓудругите, се вклучени: Полио плус, Центарот за човековите права и решавање конфликти, Месечина – Гостивар, Асоцијацијата за демократски иницијативи – Гостивар, Меѓаши, Македонскиот центар за права на жените, ХОПС, МЦМС.

 

Повеќе на: њњњ.еднакви.орг.мк