Коалиција на 17 домашни НВО
Сите за правично судење
„Сите за правично судење” е насловот на коалицијата која моментално брои 17 граѓански организации членки од целата територија на Република Македонија. Нејзината основна визија и мисија е следење на почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење преку разни форми на дејствување, во настојувањето да се зголеми нивото на нивното спроведување, да се иницираат институционални и правни реформи, како и да се поврати довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот. Структурата на Коалицијата е создадена врз основа на идејата за набљудување граѓански и кривични предмети во првостепена постапка пред сите основни судови во Р. Македонија.
Нејзините почетоци се врзани во обединувањето на 22 граѓански домашни организации во реализација на проектот „Имплементација на меѓународните стандарди за правично судење во домашните судови и процена за функционирање на судството во Република Македонија”, со цел, како што вели извршниот директор на Колаицијата, Александар Келтаноски, да се зголеми довербата на јавноста во правниот систем и во судството, да се идентификуваат проблемите во судскиот систем и да се укаже на потребата за правни и институционални реформи, да се зголеми почитувањето на стандардите за правично судење пред домашните судови, како и да се запознае јавноста со стандардите за правично судење.
„Нашата организација, од своето постоење досега, има спроведено значителен број проекти, меѓу кои и тековните: Проект за човекови права - ’Полициска злоупотреба’: Употреба на алтернативни мерки во замена за казната затвор: Кривично-правен одговор на организираниот криминал, како и процена на потребата за развој на програмата за набљудување на судските постапки во врска со корупцијата во Република Македонија” - посочува Келтаноски. Коалицијата ја сочинуваат: Граѓанската асоцијација Мост - Скопје; Младинскиот образовен форум - Скопје; Советот за превентива против малолетничка деликвенција - Кавадарци; Центарот за демократски развој - Тетово; Форумот за правата на Ромите АРКА - Куманово; Фемина – Куманово; Асоцијацијата за демократска иницијатива АДИ - Гостивар; Здружението за правата на Ромите АРРП - Штип; Хелсиншкиот комитет за човекови права - Скопје; Здружението за заштита на правата на детето ДЦИ, секција во Македонија; Првата детска амбасада на светот МЕЃАШИ – Скопје; ПХУРТ - Делчево; Здружението на жените правници во Република Македонија; ТЕМИС - Скопје; Хуманитарното и добротворно здружение на Ромите Месечина - Гостивар; Граѓанската асоцијација - Битола; СПЕКТАР – Штип и Здружението на тиквешките Роми – Кавадарци. К.Б. |
|