Проект на Министерството за образование и наука
Отворен мултиетнички клуб во Средното Медицинско училиште
Средното медицинско училиште “Панче Караѓозов” во Скопје е едно од петте училишта во државава, кое отвори мултиетнички клуб. Клубот ќе го користат учениците од ова училиште, кои со помош на дониран компјутер од Советот на Европа, ОБСЕ И ЕУ ќе можат да работат на заеднички проекти и семинари. Клубовите се дел од проектот “Превенција на меѓуетнички тензии во училиштата, а финансиски се поддржани од Владата на Луксембург. Драган Недељковиќ од Управата за развој на образованието на заедниците вели дека покрај Медицинското училиште, вакви клубови постојат и во средните училишта “Арсени Јовков”во Скопје, “Никола Штејн во Тетово”, “Наце Буѓони” од Куманово и “Мирко Милески” од Кичево. Според него, до крајот на оваа година се очекува клубови да се отворат и во десетина други училишта.
“На отворањето на клубовите им претходи одржување на семинари, во кои се вклучуваат професори и ученици, кои вежбаат лидерски способности. Целта е да се развива дружењето бидејќи ситуацијата меѓу учениците од различниот етникум во училиштата, во изминатиот период, ескалираше во некои од нив”, изјави Недељковиќ. Претставниците на ОБСЕ најавуваат дека е предвидено создавање на мали фондови, преку кои ќе се обезбедуваат грантови за мултиетничките клубови во училиштата. Офицерот на градење доверба на ОБСЕ, Ерик Мантон нагласува дека донирањето на компјутери е помош за работата на учениците, кои ќе овозможат тие да се поврзат со нивните соученици од другите училишта, со кои ќе соработуваат на различни активности.
Политичкиот советник на претставникот на ЕУ во Македонија, Џеспер Томсон оцени дека ваквите проекти се во насока на реализирање на одредбите од Рамковниот договор. Покрај мултиетничките клубови и нивното техничко опремување, предвидени се серии на работилници за меѓуетничка комуникација, како дел од програмата, со цел да им се помогне на професорите и учениците во обликување и имплементација на понатамошните активности на полето на човекови права, како и запознавање на меѓусебните култури низ процесот на активна партиципација во јавниот живот и поинтензивна пракса на вредностите на демократијата и преземање на социјалните одговорности.
|