Недела на Црвениот крст и на Црвената полумесечина

Универзална помош со волонтирање

Црвениот крст на Македонија, во соработка со Црвениот крст на Скопје и со сите општински организации од главниот град на земјава, во Неделата на Црвениот крст и на Црвената полумесечина, која траеше од  8 до 15 мај,  под мотото „Универзална помош со волонтирање”, организираа бројни активности.

Во соработка со „Македонски пошти” беше издадена доплатна поштенска марка, која во текот на Неделата патуваше со сите поштенски пратки, а за првпат на скопскиот саем беше отворена Куќата на Црвениот крст, новина на сите саемски манифестации. Се организираа крводарителни акции, изложби од фотографии, работилници, дружења и посета на домовите за стари лица и на училишта за деца со специјални потреби.

Куќата на Црвениот крст беше најновиот проект на Црвениот крст на Скопје. Во неа, додека траат саемските случувања, ќе се организираат крводарителни, акции, ќе се дели рекламен материјал, а сите заинтересирани посетители ќе бидат информирани за најновите проекти и планови на Црвениот крст, но и за најновиот концепт со којшто оваа организација сака да им се приближи на граѓаните. Куќата на Црвениот крст ја отвори претседателот на Црвениот крст на Скопје, Саит Саити, а истата ќе биде отворена 150 дена во годината, додека траат саемските случувања.

На последниот ден од Неделата во ДХО „Даре Џамбаз” беше отворена изложба на фотографии како дел од работата на програмата „Промоција на хуманите вредности”, на која работат младинци од Црвениот крст и средношколци. И општинските организации на свој начин и со свои програми се приклучија кон одбележувањето на Неделата. 

С.К