љ & а
КАКО ДА СЕ ПОВРАТИ ДАНОКОТ НА ДОДАДЕНА ВРЕДНОСТ?
Од воведувањето на данокот на додадена вредност до денес граѓанските и другите меѓународни организации, преземаат активности за враќање на ДДВ. Која е законската рамка и како е тоа регулирано? На ова прашање, како одговор пренесуваме дел од Законот за ДДВ.
“Ако износот на претходниот данок во одреден даночен период е поголем од износот на данокот кој е пресметан за прометот, разликата му се враќа на даночниот обврзник врз основа на негово барање кое го искажува во даночната пријава. Ако даночниот обврзник не искаже такво барање, разликата се пренесува како даночна аконтација за следниот даночен период.
Разликата на данокот од став 1 на овој член се враќа во рок од 30 дена по денот на поднесувањето на даночната пријава.
Доколку надлежниот даночен орган е оневозможен да изврши контрола на даночната пријава по вина на даночниот обврзник, рокот од став 2 на овој член почнува да тече дури откако се создадени услови за спроведување на контролата.
Неплатените даноци (данок на додадена вредност и други даноци) на даночниот обврзник, како и казнените камати за нив се пребиваат со побарувањата за исплата според став 1 од овој член.
Кога данокот на додадена вредност при увозот е пресметан и наплатен на добра кои се ослободени од данокот, или кога се наплаќа поголем данок на износот кој според овој закон се должи, наплатениот данок, односно повеќе наплатениот данок му се враќа на лицето кое нема или има делумно право да го одбие претходниот данок, во рокот од став 2 на овој член.
Ако данокот не се врати во рокот од ставовите 2 или 3 на овој член, на даночниот обврзник му се исплаќа камата во висина од 0,05% за секој ден задоцнување.
Враќање на данок за даночните обврзници кои немаат седиште или придружница во Македонија По исклучок од одредбите на членовите од 39 до 45 на овој закон и во случај на постоење реципроцитет, на даночните обврзници кои немаат седиште или подружница во земјата и кои не извршуваат никаков промет во неа, или кои не должат данок за прометот ќе им се исплати, по барање, претходниот данок кој може да се одбие според членовите од 33 до 36 на овој закон, според посебна постапка која ја пропишува министерот за финансии.
Враќање на данок за непрофитните организации На непрофитните организации им се одобрува, по барање, враќање на данокот за промет на добра и за увозот реализиран спрема нив по следниве услови:
- Прометот или увозот да не биле ослободени од данок; - Данокот на додадена вредност за извршениот промет на добра мора да е посебно искажан во фактурата во смисла на член 53 на овој закон и да бил платен со плаќањето на купопродажната цена; - Данокот долгуван за увозот мора да е платен; и, - Добрата мора да се пренесени во странство и таму да се користат за хуманитарни, добротвори или образовни цели.
Министерот за финансии се овластува да ја уреди постапката за исплата и да ги пропише условите за докажување на правото за исплата.
Враќање на данок за странските дипломатско или конзуларни претставништва Доколку странското дипломатско или конзуларно претставништво набави добра или користи услуги за службени потреби, на барање на претставништвото ќе му се изврши враќање на данокот на додадена вредност, доколку е платена фактурата и доколку во истата е одделно искажан данокот на додадена вредност од страна на даночниот обврзник според член 53 на овој закон. Враќањето се врши врз основа на посебни спогодби склучени со државата испраќач, во согласност со условите на реципроцитет. Враќањето ќе се одбие, доколку износот на фактурата не надминува 5.000 денари, вклучувајќи го данокот на додадена вредност.
Во согласност со став 1 на овој член, враќањето на данокот на додадена вредност му се одобрува и на шефот на дипломатското претставништво, на членовите на дипломатскиот персонал на странското дипломатско претставништво, како и на конзуларните функционери, доколку наведените лица стекнале добра или користеле услуги за лични потреби или за потреби на членовите на семејствата кои го сочинуваат нивните домаќинства. Во тој случај, враќањето се ограничува на вкупен износ од 50.000 денари за соодветната календарска година.
Се овластува министерот за финансии да ги регулира поединостите на постапката за враќање.
Враќање на данок на меѓународните организации Данокот на додадена вредност ќе им се врати, на барање, на меѓународните организации и нивните членови за прометот на добра или услуги извршени спрема нив, според условите и ограничувањата утврдени со меѓународни спогодби.
Поединостите во поглед на постапката за враќање ги регулира министерот за финансии.
Извадок од Законот за ДДВ
|