Актив на жени Влаинки “Мандра”
Жената Влаинка ја сочувала традицијата
Активот на жените Влаинки „Мандра” го одбра Националниот ден на Власите, 23 мај, за да ги промовира своите досегашни но, и идни активности. Пред големиот број гости, во хотелот Александар палас, Јана Михаилова, претседателката на Активот, зборуваше за местото и улогата на жената Влаинка во општеството. “Жената Влаинка одиграла значајна улога во историјата. Со тетовирањето на крст на своето чело се изборила за сочувување на верата, го негувала мајчиниот јазик со пренесување од генерација на генерација, до денешни дни, со нејзиниот топол мајчински збор. Скромна, но умно, ги сочувала традицијата и обичаите. Дали има нешто посвето од мајчиниот јазик, од домашното воспитување, од обичаите, по кои се разликуваат народите едни од други.”
Жените Влаинки активно учествуваат во општествениот и политичкиот живот во Македонија. „Заедно со другите жени, се интегрирани и признати како добри експерти и се присутни во сите сфери на општественото живеење”, рече Марија Николова од Министерството за образование и наука. Националниот ден - 23 мај, беше одбележан со многу активности и манифестации.
Националниот ден на Власите - 23 мај се одбележува, бидејќи на тој ден 1905 г. турскиот султан Абдул Хамид 2, со посебен документ познат под името ИРАДЕ, ги призна Власите како посебен народ - милет, со право да отворат училишта, цркви, да издаваат книги на свој мајчин јазик. Националниот ден на Власите прв пат оваа година се слави како државен празник.
Ј. М.
|
|