Кампања за повеќе избрани жени на парламентарните избори 2006
Потребна е едукација на жените од политичките партии
Сојузот на организациите на жените на Македонија, во партнерство со Одделението за промоција на еднаквоста меѓу половите, при Министерството за труд и социјална политика, со поддршка од мисијата ОБСЕ во Скопје, ја започна кампањата за повеќе избрани жени на парламентарните избори идната година во Македонија, во рамките на којашто на 23 септември ја одржа и националната конференција “За еднакви можности - Повеќе избрани жени на парламентарните избори 2006 “одина”. На неа присуствуваа членки од сите политички партии, пратеничките во Парламентот на Република Македонија, претставници од раководствата на политичките партии, меѓународни и домашни организации, како и медиумите.
Во предлог-заклучоците е содржана потребата од активно залагање на сите засегнати субјекти за присуство на повеќе избрани жени на парламентарните избори следната година, за континуирана политичка едукација на жените од политичките партии, јакнење на соработката меѓу политичките партии, ГО и синдикатите, донесување закон за еднакви можности и негова имплементација, потреба од доследно почитување на изборните законски прописи и неприфаќање кандидатските листи за пратеници, во кои не е почитувана родовата квота од Законот за избор на пратеници на првата и втората половина на кандидатската листа од страна на Државната изборна комисија. Во заклучоците е забележана и потребата од вградување одредба во Законот за избор на пратеници на секоја кандидатска листа за воведување 30% родовна квота за најмалку застапениот пол на листата и на првата и на втората половина на кандидатската листа, а застапеноста на жените во изборните тела да биде најмалку 30%. СОЖМ како иницијатор и носител на овие активности, од своето долгогодишно искуство и работење на полето на политичкото јакнење на жените, во оваа прилика предложи, а предлогот е поддржан од страна на мисијата на ОБСЕ, секое трето место на кандидатските листи за пратеници да биде за кандидатите од најмалку застапениот пол.
Со преставничките од политичката партија ВМРО - Народна, во Скопје, на 15 и 16 октомври е одржан првиот од предвидениот циклус семинари, во рамките на програмата “Жените го можат тоа ИИ - Парламентарни избори 2006”. Семинарот е реализиран од страна на СОЖМ во партнерство со Одделението за унапредување на рамноправноста меѓу половите, при Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје.
К.Б.
|