БАЛКАНСКА АСОЦИЈАЦИЈА ЗА ПРИЈАТЕЛСТВО И СОРАБОТКА 

Пријателство без граници

Балканската асоцијација за пријателство и соработка е здружение кое има цел да го развива пријателството, добрососедството и меѓусебната соработка на луѓето од регионот. Мото на оваа асоцијација, со седиште во Битола, е „пријателство и соработка без граници”, а за остварување на своите цели спроведува проекти, организира семинари и тркалезни маси, форуми и медиумски презентации.

Конкретните цели на Балканската асоцијација за пријателство и соработка се соработката со невладините организации од регионот; промоција и презентација на историското и фолклорното наследство, уметноста и културните достигнувања; развој на демократијата и промовирање на граѓанското општество; размена на информации заради развој на соработката на економско, образовно и еколошко поле; организација на хуманитарни активности и помош на хендикепираните лица; и, соработка со локалната администрација на Битола.
Во моментов Асоцијацијата работи на проектите „Акционен план за општината Битола”, финансиран од Институтот за трајни заедници од САД и „Надлежен центар за Битола”, финансиран од ФАРЕ ВЕТ програмата. Во тек е и реализацијата на „Балкан 2000 – Видеодневник”, кој претставува експериментален уметнички видеофилм за културните и националните карактеристики на седум балкански држави и политичките и другите настани што се случуваа во последните десет години. Овој проект е поддржан од организацијата „Pro-Helvetia”, Швајцарија. Исто така, наскоро ќе почне реализацијата на одобрениот проект за соработка меѓу Македонија и Црна Гора, поддржан од Know-How Transfer Center на Австриската асоцијација на градови.