ИНТЕРБЈУ: ФЛОРИЈА ЉАТИФИ, СОВЕТНИК ЗА ЗДРАВСТВО, НВО И ПОЛОЖБАТА НА ЖЕНАТА - КАБИНЕТ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА Р. МАКЕДОНИЈА
Заедно со НВО ќе ја развиваме државата и демократијата во неа
Македонските и странските НВО имаа голема и тешка улога во македонската криза, остварувајќи ја својата хуманитарна цел во координација со државните органи, меѓународните агенции и тела. Се надеваме дека натаму соработката ќе продолжи во нормални услови и дека заедно со невладиниот сектор ќе работиме за формирање на една функционална и напредна држава --------------------------------------------------------------------------------
Маријана Иванова
Д-р Флорија Љатифи е раководител на Одделението за здравство, невладини организации и положбата на жената во Република Македонија, во Кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Токму ова Одделение е поводот за интервју со д-р Љатифи, од неколку причини: тоа е прво вакво одделение формирано како иницијатива на Претседателот, г. Борис Трајковски, истовремено е прво одделение во Кабинетот на Претседателот кое има за цел остварување директен контакт со НВО, а своите први "чекори" мораше да ги "изоди" во една мошне деликатна и трауматична ситуација - кризата во која се најде Македонија. Како одеше тој "од" и како работата на ова Одделение ќе се движи во иднина, разговаравме со д-р Флорија Љатифи.
Г.С. - Како беше формирано Одделението за здравство, невладини организации и положбата на жената во Република Македонија и каква програма и цели беа зацртани при неговото формирање? Ф.Љ. - Одделението за здравство, невладини организации и положбата на жената во Република Македонија беше формирано во рамките на Секторот за внатрешна политика на Кабинетот на Претседателот. Иако формално-правно постои од јануари годинава, во рамките на новата Систематизација, тоа фактички функционира од почетокот на 2001 година. Претседателот, г. Трајковски имаше идеја дека невладиниот сектор, паралелно со здравствениот сектор и со проблемите околу положбата на жената во Македонија, треба да бите опфатен во Кабинетот. Улогата на Одделението, во таа насока, беше неколкукратна: прво, да се информира Претседателот за сите проблеми во здравството, за сите покренати прашања од оваа област од страна на Владата и Собранието, како и да се даваат мислења и сугестии од страна на Претседателот; второ, да се оствари соработка меѓу Претседателот и невладините организации - странски и локални; и, трето, да се следи и да се влијае колку е можно за подобрување на положбата на жената во нашата држава.
Г.С. - Програмата за работа на ова Одделение беше конципирана за "нормални", мирнодопски услови. Но, веднаш се најдовте во виорот на кризата. Какво сценарио конципиравте за тие, посебни услови? Ф.Љ. - Да, ние имавме план и програма за сите области. Конкретно за невладиниот сектор, свесни бевме дека едно општество не може да се развива без координирано делување на сите три сектори во него - владиниот, невладиниот и бизнис-секторот.
Кога се формиравме, беше интенција да се работи во постабилна состојба, но во овие балкански простори и имајќи предвид што се случуваше околу нас, требаше да бидеме подготвени и за ваква ситуација. Беа почнати некои проекти кои го карактеризираат придонесот на Кабинетот во овие три области на нашето Одделение, кои се надеваме дека сега ќе продолжиме да ги реализираме.
Нашите очекувања беа дека најмногу работа ќе има во третата област, положбата на жената. Но, излезе дека најмногу работа имаше токму со НВО секторот. Кризата, ситуацијата во последните месеци ја форсираше таа соработка. По иницијатива на Кабинетот на Претседателот, во соработка со Министерство за Труд и Социјална политика се формираше Координативно тело кое го сочинуваа претставници од Владата, меѓународните НВО, агенциите на ООН, локалните НВО и претставници на донаторите.
Г.С. - Која беше улогата на Координативното тело? Ф.Љ. - Неговата улога беше да се координираат хуманитарните активности во кризната ситуација, со цел да не доаѓа до нивно дуплирање во местата каде што беше потребно да се пружи хуманитарна помош. Во тие околности неопходно беше да се координираат и да се соработуваа со локалните и меѓународните НВО, иако не велам дека не постојат и други координации во кои ние имаме исто така тесна соработка.
Во рамките на сите овие активности, беше покрената и иницијатива за формирање медицински пунктови во постоечките медицинаки центри или амбуланти за пружање здравствена помош на раселените лица. Таков пункт се формираше во Куманово, а во Арачиново, каде исто така беше планиран, поради сложената состојба тоа не беше можно.
Г.С. - Како ја оценувате улогата на невладиниот сектор во македонската криза, во рамките на оваа координација? Ф.Љ. - Ако направиме една проценка на хуманитарната активност на НВО секторот во македонската криза, можеби ќе мора да се каже дека некогаш се доцнеше со активностите во одредени места, иако за тоа секогаш имаше причина, а од друга страна, секогаш имаше можност да се реализира повторно планираната цел. Но, и покрај тие помали проблеми, јас морам да изразам големе благодарност до невладините организации - и меѓународните, почнувајќи од агенциите на ООН, Движењето на Црвениот крст и сите други кои во голем процент беа присутни кај нас, и на локалните НВО, чија улога беше многу значајна и кои се ставија себеси во многу тешка и деликатна положба да ја реализираат хуманитарната цел. Сите тие се трудеа на некој начин во тој хаос, во таа дисфункција да воспостават некој ред и да се борат да се сочува стабилноста во Македонија.
Г.С. - Да се надеваме дека во иднина ќе можете да ја спроведувате програмата на Одделението во мирнодопски услови. Што опфаќа таа програма, пред се во врска со невладиниот сектор? Како македонските НВО можат да остварат соработка со Претседателот на државата? Ф.Љ. - Секоја среда и четврток примаме странки, претставници на НВО. Разменуваме мислења, не информираат за нивните активности и проекти, ги упатуваме како подобро можат да ги реализираат своите активности. Честопати од нас се бара финансиска помош, но ние не даваме таква помош, туку друг вид помош - одредени информации, усмерување, евентуално давање писмена или вербална поддршка. Ја следиме препораката од ООН и другите меѓународни организации дека невладиниот сектор треба да се вклучи во работата на државните органи. Се инсистира граѓаните да бидат вклучени во сите сектори на работата на државните органи, а ние тоа го прифаќаме и работиме во таа насока. Планираме повеќе проекти, меѓу кои, на пример, за превенција на СИДА, за женските права и правата на лицата со посебни потреби. Тука ќе оствариме тесна соработка со НВО. Учествувавме и во неколку иницијативи и семинари на НВО.
Морам да истакнам дека наша заложба е и ќе биде подобрувањето на положбата на жената во нашата земја, градењето на женскиот идентите во сите сфери на општеството, и тоа се разбира преку создавањето на механизам за комуникација меѓу Влада ,политички партии, НВО, и организациите на жените без оглед на нивната припадност.Би ги спомнала тука подршката на организирањето на различни трибини ,семинари,како и претстојната конференција на жените "Жените од 21 век" при што повторно ќе ја истакнам улогата на НВО и организациите на жените .
Тргнувајќи од реалноста дека нашата жена е симболично претставена во високата политика и високите кругови на распределбата на моќта мислам дека треба да се согледа итноста од длабока реформа на формите на политичката застапеност и на процесот на донесувањето одлуки.
Да се надеваме дека ќе имаме мир и ќе соработуваме со НВО што поблиску, со цел да ја развиваме нашата држава и демократијата во неа. Да се надеваме дека дисфункцијата која ја имаме сега ќе се претвори во една функционална држава каде секој сектор ќе го има своето место и улога. Одделението е ново, остваруваме контакти со сите фактори во спомнатите три области кои ги покрива, втор чекор би бил тесна соработка, а потоа и остварување на заеднички иницијативи и проекти.
|