Акција за озонската обвивка

Половина век набљудување и акција

На 16 септември светот повторно ќе го насочи своето внимание кон озонскиот штит. Меѓународниот ден посветен на заштитата на озонската обвивка што се наоѓа во земјината атмосфера ќе биде уште еден повод да се потсетиме на нејзиното значење, особено во условите кога таа се истенчува и осиромашува.
Озонската обвивка, слој во земјината атмосфера што содржи висока концентрација на озон, е концентрирана во понискиот дел на стратосферата. Таа се наоѓа 15-35 километри над површината на нашата планета и дејствува како штит од штетното ултравиолетово зрачење кое доаѓа од сонцето и кое може да предизвика разни заболувања – од катаракта, па с$ до рак на кожата, како и оштетувања на животната средина. Постоењето на озонската обвивка е откриено во 1913 година, од француските физичари Шарл Фабре и Анри Бисон, а детално е проучен од британскиот метеоролог Добсон, кој помеѓу 1928 и 1958 година поставил систем на светска мрежа за следење на состојбата на озонската обвивка. Тој систем е во функција околу половина век и на научниците и екологистите им нуди важни информации за постоењето и ширењето на озонските дупки.
Оттогаш постоењето на овој глобален еколошки проблем претставува тема на ангажман на меѓународните, но и на многу локални здруженија на граѓани. На денот посветен на овој проблем, како и секоја година, активистите за заштита на озонската обвивка ќе повикаат владите и бизнис-секторот да се ангажираат за ограничување и дури исфрлање од употреба на супстанциите што го уништуваат озонскиот слој, а меѓу кои најпознат е фреонот.