Коментар
Конечно усвоена стратегијата за соработка на владата со граѓанскиот сектор
После година дена работа, работилници, консултации и други активности на Одделението за соработка со невладините организации во Владата, технички помогнато од проектот на ЕАР „Техничка поддршка на Одделението за граѓанско општество во Владата” и спроведуван од конзорциумот ЦОЊИ и МЦМС, беше донесена Стратегијата за соработка на владата со граѓанскиот сектор. Активностите беа реализирани во соработка со многу актери, и од државниот и од граѓанскиот сектор. После бројните напади од страна на Владата и дел од медиумите за работата на граѓанскиот сектор, дали со донесувањето на стратегијата работите ќе одат кон подобро. Со самото донесување на стратегијата се покажува и намерата на владата за подобрување на околината за делување на граѓанскиот сектор. Само со заеднички сили ќе може да ги надминеме јазовите и недовербата.
Дали соработката на хартија ќе биде реализирана и во пракса и активностите на двете ќе одат во полза на општеството. Да се надеваме дека конечно ќе имаме плодна и добра соработка.
Во овој месец имаме еден мал јубилеј. “Граѓански свет” бележи шест години од излегувањето на првиот број. Шест години во функција на информирање и едукација. „Граѓански свет” како единствено списание на граѓанското општество во Македонија информираше во минатите години за активностите на граѓанските организации, како и за други настани во врска со граѓанското општетсво во земјата и надвор од неа. Граѓански свет во изминатите години придонесуваше кон развојот на граѓанското општетсво, како и кон промената на разбирањето и продлабочувањето на поимот граѓанско општество.
„Граѓански свет” останува таков каков што е, со цел да се подобри уште повеќе и да редиме уште многу години, во служба на читателите и на граѓанското општество воопшто.
Грамо Шабан
|