Промоција

Екокалендари и екоприрачник за наставници за 2007 година

Со темата „Имам право да живеам здраво!”, граѓанската организација ОХО по деветти пат ги промовира екокалендарите и екоприрачниците за наставници, наменети за учениците и наставниците од подготвителната и одделенската настава во основните училишта. Во нив се сместени 12 илустрации со еколошка тематика и за секој месец од годината има по една еколошка порака адекватна на илустрацијата. Во прирачникот за наставниците подетално е образложена секоја од пораките и дадени се совети за тоа на кој начин можеме да придонесеме ние за заштита на природната средина, како и начинот на кој може да се заштитиме самите себеси и нашето здравје.

Екокалендарите и прирачниците ги промовира директорката на програмата „Немаме резервна планета”, Александра Младеновска, која, меѓу другото, го истакна податокот од евалуацијата за 2006 година, којашто ја направила ОХО во соработка со Бирото за развој на образованието, според која од 1.200 ученици во основното образование, 78% се во активна позиција кон еколошката проблематика. Тоа е висок процент кој може да радува, но и да ги поттикне активностите за постигнување на уште повисока еколошка свест кај нашата најмлада генерација.

На промоцијата присуствуваше и Агапи Чункоска, наставник по одделенска настава во ОУ „Никола Карев” од Крушево. Таа ја објасни функцијата на екокалендарите во практична смисла и додаде дека тие помагаат да се научат значајни датуми, иницираат разговори на теми од екологијата, а со самиот факт што ги има во секоја училница, тие иницираат конкретни активности во еколошка смисла. Екокалендарите за 2007 година и прирачниците за наставници се печатени на два наставни јазика - македонски и албански, и ќе бидат дистрибуирани до сите основни училишта во Република Македонија.  

Т.Д.