Кампања “Клучот е во нашите раце”
Ромите се запишуваат во училиште, но не го завршуваат
Во 11 градови низ земјава годинава се запишани 1.539 првачиња од ромската заедница, наспроти ланските 913. Бројот на запишани првачиња од ромска националност годинава е речиси двојно поголем од лани, но Ромите се уште се соочуваат со финансиска немоќ за да ги пратат децата в училиште.
Во рамките на кампањата „Клучот е во нашите раце”, чија цел е целосно вклучување на децата Роми во основното образование, биле анкетирани 6.304 семејства од Тетово, Скопје, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип, Виница, Кочани и од Крива Паланка. Во Националниот ромски центар велат дека бројот на ученици не е зголемен поради наталитетот, туку благодарение на зголемената свест на родителите. Сепак, и покрај тоа, над 6 проценти од младите до 15 години никогаш не посетувале училиште, а 15 проценти од нив никогаш не го завршуваат основното образование. Четвртина од анкетираните семејства немаат ниту просторија каде да му овозможат да учи на детето, а училишните книги и приборот најчесто се добиваат како донација. Што се однесува до поседувањето компјутер, 93 проценти од семејствата изјавиле дека го немаат.
„Проблемот е во тоа што поддршката од државните институции е само декларативна. Се соочуваме со зголемување на свеста кај родителите дека нивните деца треба да посетуваат училиште, но тие не добиваат никаква помош, ниту финансиска ниту во книги”, вели Ашмет Елезовски, координатор во Националниот ромски центар. Тој истакна дека и кога одат во училиште, децата се соочуват со неприфаќање, дури и навреди од наставниците и соучениците и нивните родители.
Според спроведените анкети, над 20 проценти од децата не добиваат екстра време со својот учител за да покажат подобар успех, а дури 4 проценти се навредувани и неприфатени.
С.Н.
|
|