Резултати на коалицијата “Сите за правично судење”
Корупцијата најголема во граничните места
Коалицијата „Сите за правично судење” ги претстави резултатите од проектот „Процена на потребата за развој на програмата за набљудување на судските постапки во врска со корупцијата во Република Македонија”, спроведен во соработка со „Нулта корупција - Транспарентност”, а финансиски поддржан од Мисијата на ОБСЕ во Македонија.
Истражувањето го опфати периодот 2005 - јуни 2007 година. Според анкетата спроведена во основните судови во Македонија, 14 од нив имаат регистрирано вкупно 220 предмети, од кои 158 правосилни и 62 активни. Најчести се кривичните дела за злоупотреба на службената должност и за овластување (член 353) и за измама (член 247). Истражувањето покажало дека судовите кои се наоѓаат на границите на Македонија со други држави имаат поголем број коруптивни кривични дела - Кочани 63, Крива Паланка 10, Делчево 17, Струга 18, Струмица 33 итн. Во Основниот суд Тетово, пак, нема ниту еден коруптивен предмет во постапка. Најчести сторители на овие кривични дела се лица кои вршат должности на граничните премини и се од редовите на полициската и царинската контрола.
Врз основа на собраните податоци, подготвена е брошура која, покрај општата слика за корупцијата во Македонија, содржи и анализа на постигнатите резултати од проектот, како и заклучоци и препораки за активностите планирани за следната година. Коалицијата „Сите за правично судење”, во соработка со „Нулта корупција - Транспарентност”, идната година ќе спроведе програма за набљудување на активните судски предмети.
МИА
|
|