Кампања на Македонската мрежа за намалување штети
Предозираност од осуди
Македонската мрежа за намалување штети (ММНШ), мрежа на 15 невладини организации и повеќе експерти, од крајот на октомври до 8 ноември ќе спроведува кампања за намалување на дискриминацијата кон лицата кои употребуваат дрога и нивните семејства, под мотото „Предозираност од осуди”. Целта на кампањата е да се отворат нови центри за лекување на зависности во Скопје.
„Со обезбедени финансиски средства (од Глобалниот фонд за борба против СИДА, турбеколоза и маларија) за отворање три вакви нови центри за лекување, акцијата стагнира веќе три години”, вели Кети Тодорова, извршен директор на НВО „Доверба” и членка на „ММНШ”. Таа додаде дека доколку не се отворат центрите до март наредната година, тогаш Владата на РМ ќе треба да ги врати финансиските средства. Според резултатите од последното истражување спроведено од МЦМС, корисниците на дрога се најмаргинализираната и најдискримираната група кон која дури 92,8 отсто од испитаницте искажале нетолеранција.
Влатко Деков, од невладината организација ХОПС, која е членка во ММНШ, посочи дека програмата за лекување со супститут, во единствениот центар во Кисела Вода, не ги задоволува критериумите и истиот е затворен за прием на нови пациенти веќе неколку години.
„Според податоците на ХОПС, во 2006 година од 101 лице мотивирани за третман, примени се само 18 лица, за останатите немало место, од нив, во текот на 2006 и 2007 година починале 28 лица”, рече Деков.
Во рамките на кампањата ќе бидат организирани повеќе трибини на кои е најавено учество на домашни и странски експерти со цел да се истакне потребата од итно отворање центри за лекување, за да се реши оваа проблематика.
МИА
|
|