Електрична енергија за граѓаните кои користат социјална помош

И електричната енергија е производ кој се плаќа

Здружението на граѓани „Мектеб” од Скопје и коалицијата на граѓанските организации на општината Чаир, организираа Форум на темата „Електричната енергија и социјалните случаи”.  На Форумот, кој се одржа во Детскиот театарски центар во Старата чаршија во Скопје, присуствуваа претставници на општините Чаир и Арачиново, Карл Хајнц Грасман го претставуваше ЕВН-ЕСМ, а беа присутни и претставници на Министерството за труд и социјална политика и на Институтот за социјална работа и социјална политика. Музафер Бислими, градоначалник на општината Арачиново, истакна дека електричната енергија е производ кој треба да се плати, но дека во неговата општина има голем број социјални случаи кои не можат ниту сега да ги плаќаат сметките за струја и решението на проблемот го гледа во договор меѓу Владата на РМ и ЕВН да се најде начин да им се помогне на граѓаните кои не се во состојба да ги платат сметките. Муса Зуха, претседател на Советот на општината Чаир, истакна дека на ниво на општината веќе се подмирени сите долгови кон ЕВН и дека кон граѓаните кои живеат во општината имаат едукативен приод за овој проблем, со цел да се ублажи состојбата кај семејствата кои се во тешка социјална состојба.

„Иницијативата датира од 2003 година кога Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) започна регионална студија за електроенергетскиот сектор во Југоисточна Европа”, истакна Слаѓана Икономова од Министерството за труд и социјална политика. „Студијата потврди дека енергетската сиромаштија е проблем во регионот, што значи и во РМ. Заради тоа, со финансиска помош од ЕБОР е создаден проект за социјална заштита од енергетска сиромаштија во земјава, во кој учествуваа ЕБОР, Министерството за труд и социјална политика, Организацијата на потрошувачите на РМ, акционерските друштва ЕСМ, МЕПСО и ЕЛЕМ, Регулаторната комисија за енергетика, Министерството за финансии, Топлификација и Државниот завод за статистика. Проектот е завршен во март 2007 година и во него се содржани предлозите за намалување на енергетската сиромаштија” - посочи таа.

Претставникот на ЕВН, Карл Хајнц Грасман, истакна дека иако електричната енергија е производ за чие користење се плаќа, сепак с уште е рано за либерализација на пазарот на електричната енергија во Македонија. Од друга страна, тој нагласи дека како што ЕВН чувствува социјална одговорност кон потрошувачите, исто така треба Владата на РМ да преземе економски и политички мерки за помош на социјално загрозените категории потрошувачи на електричната енергија. 

Т.Д.