КОМЕНТАР
ЗАЕДНО ЗА ТРАНСПАРЕНТНОСТ
Одморите дојдоа и си отидоа. Кој во земјата, кој надвор од неа, барем за малку (некој) заборави на тоа што се случуваше во изминатиот период. Олимпијадата ја пречекавме и ја испративме. Освен за политичките бранувања што се случуваат кај нас (а тоа веќе стана како мода, за што никој веќе не се изненадува), многу се зборува и за граѓанскиот сектор. Кој колку троши, каде одат парите, кој колку зема, кој и зошто н$ финансира, и ред други прашањата кои им се насочуваат на граѓанските организации одвреме навреме. Пред извесен период, една група граѓански организации го направија првиот чекор, иако тоа го прават редовно, како поттик и за другите, и ги објавија годишните извештаи, финансиските извештаи и независните ревизорски мислења. Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ), Гостивар; Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП); Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС); Првата детска амбасада во светот Меѓаши; Сојузот на организациите на жените на Македонија (СОЖМ); Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ); Центарот за граѓанска иницијатива (ЦГИ) од Прилеп и Нансен дијалог центарот (НДЦ) првпат заеднички ги објавија нивните извештаи со цел да дадат придонес кон транспарентноста на работата на граѓанските организации, како придонес кон подобрување на ефективноста на граѓанскиот сектор.
Се надеваме дека постепено оние кои постојано го напаѓаат граѓанскиот сектор ќе ја разберат работата на граѓанските организации и ќе ја изгубат недовербата којашто ја имаа досега, намерна или ненамерна. Ова нека биде поттик и за другите субјекти да почнат да ги објавуваат резултатите на нивната работа, без разлика дали тие се државни, јавни или приватни, за да имаме што потранспарентно општество.
Да го дадеме нашиот придонес - заедно за транспарентност!
Грамоз Шабани
|