Светски ден за слобода на медиумите
Новинарите опоменуваат со молчење
Трети мај е денот кога новинарите ги одбележуваат основните принципи на слободата на печатот, ја оценуваат неговата слобода низ целиот свет, им оддаваат почит на новинарите кои ги изгубиле животите вршејќи ја својата работа. Годинава Светскиот ден на медиумите се одбележуваше под мотото “Пет минути громогласна тишина”, а Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во земјава го одбележа под мото “Петминутен молк за присилно замолченото новинарство! ЗНМ потенцираше дека повеќе од 500 новинари се убиени во изминатата деценија, дека поголемиот дел од сторителите и понатаму се слободни, но и дека само минатата година е убиен 71 новинар, а годинава, во изминатите неколку месеци веќе 15. ЗНМ ги повика своите членови и сите новинари и медиумски работници во Македонија на Светскиот ден на слободата на медиумите со пет минути громогласна тишина, од 11:55 до 12:00 часот и во централните информативни емисии во електронските медиуми, да ги опоменат сите оние кои им застануваат на патот на слободниот проток на информации и да им оддадат почит на настраданите колеги. Кон повикот се приклучија сите медиуми во Македонија, ТВ екраните петте минути беа празни или со порака, радијата ја исклучија програмата или го прочитаа прогласот на Здружението на новинарите на Македонија. Дневните весници објавија текстови по тој повод и објавија пригодна страница подготвена од страна на Здружението кое истакна дека Македонија не е на црниот список на убиени новинари, и дека за среќа, во Македонија новинарите не ги убиваат, но постојано се обидуваат да ги замолчат.
“Можеби не сме “прославени” по црниот рекорд на убиства, но сигурно сме прославени по рекорди во судски процеси и пресуди против новинарите, и тоа за нивната работа, за нивното пишување со што сигурно не може да се каже дека постои целосна слобода на јавното информирање!
Новинарството не се убива со убиството и малтретирањето на новинарите. Секогаш постои новинар кој ќе ја продолжи вистината, колку и да е сурова!” - порачаа од ЗНМ.
|