Ерменската заедница во Република Македонија

Околу 110 семејства ја негуваат ерменската и македонската култура

Генезата на Ерменските заедници на територијата на де­нешна Македонија, се следи уште од среднот век, преку бројни документи, патеписни записи од странски патници кои престојувале или минувале низ градовите каде покрај другото население живееле и Ерменци. Економската моќ создала и услови за оформување на поголема ерменска заедница кон крајот на 18-тиот , а особено во текот на 19 -тиот век, кога одреден број на Ерменци се школувале на Универзитетите во Венеција, Виена, Лајпциг па се вратиле во Македонија како познати лекари, апотекари, професори. Тие всушност биле на некој начин дел од нуклеусот на интелектуалците во градовите во Македонија каде живееле. Поголем бран на доселување на Ерменците е забележан кон крајот на 19 -тиот и почетокот на 20 -тиот век по егзодусот на Ерменците, особено по 1915 година, кога во Скопје се зголемува Ерменската заедница, додека се забележани помали во Тетово, Штип, Прилеп, Кочани...

Денес, Ерменската заедница брои околу 110 семејства,кои еднакво ја негуваат ерменската но и македонската традиција и култура, бидејки сите ние сме Македонци со ерменско потекло. Нашите корени навистина се ерменски ама сите ние сме добро интегрирани во македонското општество и најпрво што правиме низ нашата работа е да придонесеме за збогатување на мултикултурната матрица во Македонија” - изјави претседателката на здружението Јасминка Намичева која најавува дека во текот на оваа година, членовите ќе работат на проектот „Генезата на заедницата низ изминатите векови”, ќе го претстават;  делото и личноста на ерменскиот писател Вилијам Саројан преку изложба, проекција на еден негов филм и преку  преведување на неговата книга „Јас се викам Арам. Во соработка со познатиот музичар Зоран Џорлев, младите членови ќе одржат концерт со нумери од ерменски автори, а ќе се вклучат и во работата на летните кампови во Бугарија заедно со тамошната ерменска заедница. Го завршивме преводот на ерменски јазик на проектот „Планетариум” од Киро Урдин со што се вклучуваме во годината на промоција на светските јазици. До крајот на годината се планирани и неколку изложби на кои ке бидат презентирани делата на нашите ликовни уметници Балабанијан и Пилојан. Но секако, со нетрпение го очекуваме отварањето на саботното училиште за ерменски јазик. Секоја година, неизоставно, на 24 април се одржува панихида во Соборниот храм во чест на геноцидот над Ерменците во 1915 година, со што им оддаваме почит на загинатите претци’ - посочи Намичева.

К.Б.