Атрактивниот базар на ракотворби во Чифте-амам
Моќта на креативноста ја исполни старата бања
Во Чифте-амам, во Старата скопска чаршија, 65 ракотворци од земјава, организирани од страна на Македонската трговска артисанска организација – МАТА, од 8 до 10 декември ги продаваа своите производи на веќе традиционалниот базар на ракотворби. Базарот го поддржаа неколку приватни фирми, но и Градот Скопје и УНХЦР, а на преполните тезги се продаваа прекрасни, впечатливи и вредни парчиња филигран, резба, икони, предмети од бакар, стакло, волна, ткаеници, плетени производи, музички инструменти и др. Интересно беше и годинава да се види и доживее како расте самодовербата кај ракотворците во земјава при продажбата на она што го изработуваат самите, но и заинтересираноста на купувачите меѓу кои има и забележителен број странци.
При самиот влез беа изложени шарени парчиња волнена детска облека, како и плетени торби и ранци за возрасни, изработени од жените Ромки, бегалки од Косово, сместени во скопската населба Шутка. Нивниот настап на базарот беше овозможен со помош на канцеларијата на Агенцијата за бегалци - УНХЦР во Македонија, од каде жените го добиле потребниот материјал за плетење. Прооизводите ги продаваа млади насмеани девојки, задоволни од интересот кај купувачите. Базарот е само еден од неколкуте места на кои постоечкиот Комитет на жените бегалци ги презентира и продава своите производи кои најчесто ги купуваат странци. На соседната тезга, пак, беа изложени производи изработени од претставниците на Мултиетничкиот центар за лицата со хендикеп “Талант”. Светкаа впечатливи честитки, свеќи со ликот на Дедо Мраз, предмети од дрво, а продавачите, млади симпатични членови на центарот, продаваа и предмети од стакло направени од рацете на глуви девојки. Центарот Талант реализира работилници за глуви лица за изработка на производи од дрво и метал, а во оваа прилика обезбедил и спонзорство за печатење на рачно изработените предмети од хартија кои го привлекуваа вниманието на посетителите.
Меѓу ракотворците беше и Фадил Латифовиќ кој продаваше изработени скулптури со форми на човечко тело од едно парче дрво. Задоволен со условите за продажба, потенцира дека дрвата за изработка на скулптурите потекнуваат од Македонија, од Грција, од Турција, но и дека веќе кај него доѓаат и едни те исти купувачи кои секоја година купуваат скулптури.
Ја забележавме и само на прв поглед, неатрактивната, но со многу убави предмети од керамика, тезга на Ерменката, мажена во Македонија, Армине Пилојан-Вртеска, добитничка на годинешното почесно признание за најуспешен дебитант. „Две години живеам во Скопје, по професија сум лингвист, а керамиката ја изработувам дома. Ерменската технологија на изработка, печењето и боењето на предметите се разликуваат од македонската. Можам да кажам дека предметите од глина с$ уште многу се користат во Ерменија” - рече Пилојан, покажувајќи ги убавите глинени предмети.
Во една од малите изложбени простории на амамот беа изложени предмети од ковано железо на браварската работилница Хамер од Велес, а пак во една од двете големи кружни простории во која се чувствуваше моќта на инвентивноста на ракотворците, меѓу многуте разни производи, се разменуваа стекнатите искуства, а можеа да се чујат и лични приказни за мотивите за работа, но и да се види задоволството на лицата на творците.
Станка Димитрова, која продаваше капи и шалови што ги дизјанира сама, потенцира дека странските купувачи најмногу се интересираат за уникатните парчиња со мотиви од народни носии, поточно од машки чорапи. Таа откако го завршила својот професионален работен век како статистичар, ја почувствувала со години наназад повторно својата љубов кон ликовното и почнала да плете. Ликовните уметници Елена Трпкова и Дејан Иванов ги изложија своите прекрасни парчиња стакло, украси за елка, разни украсни предмети за домовите.Тие во фирмата АРТЕ работат на изработка на големи површини од стакло, но потенцираат дека учеството на базарот дополнително ги мотивирало за да ја развиваат својата креативност. „МАТА н$ поттикна да ги изработуваме предметите кои ги продаваме. Н$ повикаа да учествуваме, а потоа идеите доаѓаа една по една”, рече Трпкова.
Здружението на жените земјоделки Агровинка од Виница, во чијшто склоп постои и друштво за ограничена одговорност, продаваше и производи изработени во рамките на проектот „Традиција и иновација”, финансиран од норвешката влада. Во него, годинава, жените покрај две традиционални носии од истибањскиот регион, со ангажман на дизајнер, изработиле и колекција капи од филц и папучи. „Капите им се допаѓаат на младите, интересен им е дизјанот, а нашите производи во текот на декември се продаваат и на големиот саем во Милано. Како ракотворци, би сакале да отвориме заедничка продавница во Скопје, во која континуирано би продавале со мала маржа, но за тоа ни треба поддршка од властите” - посочува Васка Петрова од Агровинка. Дел од ракотворците на базарот велат дека изложуваат каде што ќе чујат дека има потреба. Некои од нив се плашат и да отворат дуќан поради финансиската несигурност, а чувме и дека најчесто невработените работат дома, а при продажба им помагаат и другите членови на семејството.
„Рајска птица” е името на арт-студиото на Миле и Тоде Вељановски, копаничари кои своите вредни парчиња резба ги продаваат во галерии, каде, како што велат, цените се три пати повисоки и ги одбиваат купувачите. Поради тоа и сметаат дека е потребно отворање една заедничка продавница на која ракотворците ќе ги продаваат своите производи. „Порано продававме повеќе, годинава не ги зголемивме цените, но економската моќ на купувачите е намалена”, велат таткото и синот, продолжувачи на традиционалниот занает. Тие сметаат дека за да се заинтересираат купувачите за нивните резби, потребно е да имаат љубов, желба и пари.
Ракотворците бараат продавница во Безистенот од градоначалникот Трифун Костовски
Здружението на жените домаќинки по петтипат учествуваше на базарот. „Членуваме во МАТА и преку нив извезуваме наши ракотворби во странство” - посочи претседателката Лиле Лакиќ, потенцирајќи ја помошта што ја добиваат во дизајнирањето, работејќи на проекти преку МАТА. Ова здружение организира и курсеви за плетење, за изработка на монистра, а е едно од најгласните во барањето на веќе споменуваната посакувана продавница за ракотворци, која би сакале да биде отворена во Безистенот во Старата скопска чаршија. Досега, иако упатиле барање до градоначалникот на Скопје, Трифун Костовски, вели Лакиќ, не успеале со него да стапат во контакт и лично да му ја презентираат идејата.
Меѓу тезгите на базарот, преполна со атрактивни производи, беше и таа со влачена волна на семејството Ефремовски од Пробиштип, добитници на почесно признание за најдобар производ.
Трите дена Чифте-амам беше исполнет со очекувани, но и неочекувани уметнички производи кои говорат за богатата креативност на граѓаните кои ги има во с$ поголем број. Можеа да се видат фотографиите на фотографот Атанас Таневски од Охрид, предметите од дрво изработени од Иван Серафимов, охридскиот бисер на семејството Талеви, производите што ги продаваа претставничките на Форумот на албанските жени, Здружението на копаничарите на Македонија и др., а Методија Златков од здружението „Дождовник” во Делчево, беше единствениот кој продаваше народни музички инструменти кавали, кавалчиња, кемане, гајди и др.
Базарите на ракотворците имаат своја специфична топлина што мора да се доживее, различна од местата на кои се продаваат индустриските производи. Интересот за ваквите производи расте, што е добар сигнал не само за творците, туку и за развојот на државата која се темели и на креативниот дух на своите граѓани.
|
|