Анкета
Студентите незадоволни како се третирани во општеството
Најголем дел од студентите се незадоволни од начинот на којшто се третирани во општеството, покажа анонимната анкета со 155 студенти од скопските домови и универзитети, реализирана во периодот меѓу 20 и 22 декември минатата година. Анкетата, која ја спроведе студентската организација Македонски младински прес, укажа на недостатоците на студентите во високообразовниот систем. Околу 90 отсто од студентите немаат доверба во актуелниот претседател на Сојузот на студентите при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Александар Давчевски. “Студентите имаат мала или никаква доверба во студентскиот лидер, а тој мандатот го доби од студентите”, потенцираат од организацијата, во која се оградуваат од политички влијанија. Над 90 отсто сметаат дека студентските легла не се распределуваат правично, наведувајќи дека леглата се купуваат по цена од 200 до 250 евра. Студентите се запознаени со конкретни случаи на мито и корупција, но не сакаат да ги наведат. Според нив, во високообразовниот систем недостасуваат, пред с$, реформи, а потоа и поголема стручност на професорите. Посебен проблем за студентите се условите за студирање, кои според нив не се прилагодени на нивните месечни трошоци.
Половина од анкетираните студенти одговориле дека трошоците им се движат од 5.000 до 8.000 денари, додека поретки се оние чии трошоци се над 10.000 денари и под 5.000 денари. Анкетата е направена и во студентскиот дом “Пелагонија”, каде околу 60 отсто од студентите изјавила дека не се задоволни од постојниот совет на станарите.
|