|
МУЗИКОТЕРАПЕВТСКИ ПРОЕКТИ ЗА ДЕЦАТА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ „Џунџуле” за посреќно детство
„Убаво е кога сме заедно” беше мотото под кое се водеше проектот „Музикотерапија на деца со посебни потреби”. По него веднаш следува нов проект: „Музикотерапија – што е тоа?”. Овие два проекти се дел од активностите на Центарот за детско уметничко изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација „Џунџуле”, што беа претставени во хотелот Панорама во Скопје, на 20 јуни, годинава.
Основна цел на завршениот проект, кој траеше девет месеци, од септември, минатата година, до јуни, оваа година, беше афирмација на детското уметничко изразување и музикотерапија на децата со посебни потреби. Новиот проект, „Музикотерапија – што е тоа?”, ќе има за цел да изврши силна пропаганда и афирмација на овој тип работа со децата со посебни потреби. За таа цел веќе се отпечатени по 2500 брошури, од кои 1500 на македонски, 500 на албански и 500 на турски јазик. Брошурите ќе бидат бесплатно дистрибуирани по училиштата низ Македонија, а бесплатно ќе бидат достапни и за сите што се заинтересирани за неа. Изле гувањето на брошурите финансиски го потпомогна Фондацијата „Благовестие”. „Најважно од сe е што со нашите проекти го даваме сопствениот придонес за децата со посебни потреби – подобрување на артикулацијата, градење самодоверба и дисциплина, подобрување на моторната координација, изведување телесни и ритмички движења, будење на естетското во нив… Музиката и танцот за овие деца едноставно се вентил на чувствата„ – беа дел од зборовите на Томислав Таневски, музикотерапевт, генерален секретар на „Џунџуле”. Центарот за детско уметничко изразување, музикотерапија и психофизичка релаксација „Џунџуле”, иако постои само една година, веќе е членка на Светската федерација за музикотерапија.
Д. Медароски
|