Поддршка

Волонтери од целиот свет изградија 27 домови на Хабитат во Романија

Хабитат Македонија во септември во Скопје, по втор пат, организира „Хабитат ден - сите партнер-семејства заедно”. На средбата во Екшн-паркот на Скопски саем присуствуваа над 70 од 134 партнер-семејства кои изминатите две години со помош на Хабитат Македонија успеале да ги подобрат условите за живеење во своите домови. Семејствата користеле средства од Хабитат за реконструкција на делови од своите домови, во која учествувале и самите тие.  На средбата присуствуваа и претставници на дипломатскиот кор, на граѓанските и владините организации поддржувачи на целите и мисијата на Хабитат фор хјуманити (Хабитат фор Хуманитѕ). Хабитат Македонија во моментов е активна со две програми кои нудат заеми за реконструкција и реновирање на супстандардни домови во кои живеат семејства кои немаат пристап до комерцијални заеми.

„На средбата со партнер-семејствата беше доделана награда за најдобро искористен заем, која ја доби семејството Ефтимови, кое на својата куќа доградило соба за малата Викторија. На средбата беше организирана и наградна игра во која најмладите членови на семејствата сложуваа сложувалки, а најдобрите ги наградивме со мали подароци со логото на Хабитат”, истакна Дарко Булдиоски од Хабитат Македонија. 

Искуства од Романија

На почетокот од септември Хабитат фор хјуманити Романија беше домаќин на најголемото волонтерско градилиште во Европа „Еуро 2007 - Хабитат гради”.

Од 3 до 7 септември беа изградени 27 куќи, по една за секоја земја членка на ЕУ во градот Радаути, во северна Романија. Малото гратче, лоцирано на границата со Украина, новата граница на Европската Унија, пречека 650 волонтери од целиот свет, кои градеа куќи со романските семејства кои сега добија безбеден, пристоен и достапен дом. Радаути тие 5 дена од Хабитат беше прогласен за главен европски град на волонтерството и град предводник во борбата против супстандардното домување. Во изградбата на домовите, по стандардите на Хабитат, работеа и амбасадори, политичари, бизнисмени и претставници од ЕУ, заедно со другите волонтери и семејствата. Со изградбата на 27 куќи се реши проблемот на домувањето на исто толку семејства, но и се поткрепи надежта на уште околу 150.000 Романци кои живеат во услови на сиромашно домување. Целта на настанот, кој следува веднаш по влегувањето на Романија и на Бугарија во ЕУ, е да се подигне свеста меѓу политичарите и дипломатите во Европа да се претстават негативните ефекти од сиромашното домување и истите да станат прв приоритет во домувањето. Учесниците на настанот го истакнаа правото на секој граѓанин на Европската Унија да има простојно место за домување, како што се успешните решенија за домови развиени од Хабитат, кој е најголемиот непрофитен градител на социјални домови во светот.

„Јас посебно ја ценам оваа иницијатива и сметам дека доаѓањето на волонтери од целиот свет да работат заедно и да придонесат за семејствата кои имаат потреба од пристоен дом е прекрасен пример за солидарност, европска вредност, која сега и Романците ќе ја споделат” -  изјави амбасадорот Донато Кјарини, претседател на претставништвото на ЕК во Романија. Неговиот домаќин, министерот за развој, јавни работи и домување, Лазло Борбели, истакна дека темата за сиромашното домување е реалност во Романија со која мора сите да се соочат.  „Ние оформивме партнерство меѓу сите засегнати страни со цел да се реши проблемот. Ни треба добра координација и соработка да се обноват деградираните области преку интегрирани проекти за урбан развој”, изјави Борбели, на јавната дебата организирана на оваа тема. 

Партнери на Хабитат на ЕУРО 2007 беа Водафон (Водафоне) и Лафраж (Лафарге), како и Вирпул (Њхирпоол), Мекдоналдс, Сити груп, Кока кола, Кнауф, Исовер и други, кои донираа материјали, пари или пак испратија волонтери. Хабитат досега има изградено над 200.000 домови низ целиот свет. Во куќите на Хабитат, во над 100 земји во светот, живеат над 1 милион луѓе кои самите учествувале во нивната изградба.                              

С.Н.